УКРАИНА НЀ УЦЕНУВА СО НАФТАТА Орбан со обвинувања кон Киев, бара итна реакција од Фон дер Лајен
Виктор Орбан ја обвини Украина за намерно блокирање на нафтоводот „Дружба“ и побара итна реакција од Урсула фон дер Лајен и Европската комисија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја обвини Украина за уценување и намерно блокирање на испораките на нафта преку нафтоводот „Дружба“, тврдејќи дека целта е мешање во унгарската изборна кампања.
Во писмо испратено до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Орбан побара итна реакција од Брисел и порача дека Будимпешта нема да попушти на притисокот од Киев. Содржината од писмото ја објави на социјалната мрежа X.
Во документот, унгарскиот премиер тврди дека нема техничка или оперативна причина за прекин на испораките на нафта, што, според него, го потврдуваат и неодамна објавени сателитски снимки.
– Недостатокот на волја на Украина за повторно отворање на нафтоводот „Дружба“ произлегува исклучиво од политички причини, со намера да се меша во тековната унгарска изборна кампања – вели Орбан.
Тој посочи дека минатата недела Унгарија и Словачка се обиделе да најдат дипломатско решение.
– Меѓу другото, предложивме мисија за утврдување факти со учество на експерти од Унгарија и Словачка за да се процени состојбата на нафтоводите во Украина. Сите наши напори беа одбиени – напиша Орбан.
Поради тоа, тој ја повика Европската комисија „да ја поддржи Унгарија во неутрализирањето на енергетското оружје што го користи Украина“, барајќи и засилен политички притисок врз Киев.
Орбан дополнително порача дека Унгарија нема да поддржува одлуки на ЕУ што се во корист на Украина сѐ додека не се реши спорот.
– Не можеме да прифатиме странско мешање во нашите демократски процеси и ќе ги отфрлиме сите такви обиди – заклучи унгарскиот премиер.