📽️ УКРАИНА ИСПАЛИ „ФЛАМИНГО“, РУСИТЕ ГАЗАТ КОН ЈУГ Полека се стега обрачот околу Покровск

„Фламинго“ има досег до 2.900 километри и бојева глава од над еден тон. Според WillWest News, ракетата е отпорна на електронско ометање и не е предмет на западни ограничувања за употреба во нападите на руска територија. Од друга страна, врховниот командант на украинската армија признава дека Русите напредуваат на југ и околу Покровск.

425

Украинската армија изврши прв напад со својата нова ракета со долг дострел „Фламинго“, предизвикувајќи серија експлозии во руското нафтено пристаниште Туапсе, важен извозен центар на Црното Море. Според медиумот The Sun, нападот бил снимен во моментот кога огромна експлозија го осветлила пристаништето, а пламенот се издигал десетици метри во воздухот.

Во почетокот се претпоставуваше дека нападот бил изведен со морски дронови, но руски извори објавија дека станува збор за новото оружје на Киев – ракетата „Фламинго“, целосно произведена во Украина.






„Кратерот очигледно го направила многу тешка муниција, а не обичен дрон“, објави руски канал. Експлозивниот бран оштетил неколку објекти долж брегот, а Русија пријавила и прекин на нафтениот транспорт.

„Фламинго“ има досег до 2.900 километри и бојева глава од над еден тон. Според WillWest News, ракетата е отпорна на електронско ометање и не е предмет на западни ограничувања за употреба во нападите на руска територија.

 

„Серијата производство е во тек во Карпатите, а првото борбено користење било во текот на летото“, наведуваат украински извори. Овој потег ја проширува способноста на Киев да погодува цели длабоко во Русија, па дури и во западен Сибир.

Во исто време, ситуацијата на фронтот се влошува. Врховниот командант на украинските вооружени сили, Александар Сирски, предупреди дека Русите напредувале кај Александровка и Гуљајполе и зазеле три населени места.

– Ситуацијата на тие правци значително се влоши, непријателот користеше бројна надмоќ и зазеде три населени места. Нашите војници водат исцрпувачки борби за Ровнопољ и Јаблуково – изјави Сирски.

Тој додаде дека украинските сили нанесуваат „значителни загуби на агресорот“ и дека секој метар земја ја чини Русија стотици војници. Според него, во последните три дена руската армија изгубила околу 800 војници и повеќе од стотина единици техника.

Сирски соопшти дека руските трупи се најактивни кај Покровск, каде се водат 40 проценти од сите борби. Русите ја зголемиле активноста и во Запорожката област, користејќи ја маглата за инфилтрација во украинските позиции.

– Го зголемуваме ефектот од домашното оружје со долг дострел, ракетите „Нептун“ и „Фламинго“, како и млазните дронови. Тоа е ефикасна пречка за непријателот – нагласи украинскиот командант.

Поврзани содржини