УКРАИНА ГО ПОДГОТВИ ТИМОТ ЗА МИРОВНИ ПРЕГОВОРИ Зеленски ги објави составот и целта на украинската делегација
Украинската делегација ќе ги предводи Андриј Јермак, а во составот се високи безбедносни функционери, целта е праведен и одржлив мир.
Украина ќе се консултира со своите меѓународни партнери во наредните денови за да ги разгледа чекорите за запирање на војната, соопшти кабинетот на претседателот Володимир Зеленски.
Претседателот го одобри составот на делегацијата, која ќе ја предводи шефот на неговиот кабинет, Андриј Јермак, и ќе вклучува високи безбедносни функционери. Целта е учество во преговори со САД, други меѓународни партнери и претставници на Руската Федерација за постигнување праведен и одржлив мир.
Во делегацијата се вклучени секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, началникот на Главната дирекција за разузнавање (ГУР) Кирил Буданов, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина Андриј Гнатов, како и други високи претставници.
„Украина никогаш нема да биде пречка за постигнување мир, а нашите претставници ќе ги бранат интересите на украинскиот народ и темелите на европската безбедност“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.
Претседателот Зеленски додаде дека ова е важен чекор за воспоставување дијалог и зајакнување на безбедноста на Европа, нагласувајќи дека сите преговори ќе бидат водени во интерес на украинските граѓани и стабилноста на регионот.