УКРАИНА ЌЕ КУПИ 100 АВИОНИ „РАФАЛ“ ОД ФРАНЦИЈА Зеленски оцени дека потпишал историски договор со Макрон

Заедно ќе го зголемиме индустрискиот и технолошки потенцијал на Франција и на Украина, која ќе може да добие 100 авиони „рафал“, 4 француски радари, 8 системи за противвоздушна одбрана, 6 системи за лансирање бомби, рече украинскиот претседател Володомир Зеленски.

67

Мирот во Украина ќе биде постигнат пред 2027 година рече денеска во Париз францускиот претседател Емануел Макрон на заедничка прес-конференција со украинскиот претседател Володомир Зеленски, со кој потпиша договор, чија содржина не е позната.

Макрон оцени дека последните неколку месеци беа обележани со одлуки што претставуваа пресвртници во војната.






– Што се однесува до мене, останувам подеднакво решен да го постигнам овој мир. Мислам дека мора да продолжиме да го зголемуваме притисокот, како што го правиме тоа преку санкции и борба против руската фантомска флота – рече Макрон.

Тој најави непосредно и десетгодишно зајакнување на билатералната соработка меѓу Франција и Украина, откако беше објавено дека Украина ќе купи до 100 авиони „рафал“ од Франција.

– Правиме нов чекор. Обновата на украинската војска е клучен елемент на нашата колективна безбедност. Го продолжуваме приближувањето на нашите одбранбени индустрии. Потребна ни е украинска војска што е способна да го одврати секое ново навлегување и оремена со сопствени одбранбени капацитети за заштита на нејзиниот воздушен простор – рече Макрон.

Тој наведе дека Франција во следните три години ќе му испорача на Киев пресретнувачки дронови и наведувани гранати.

– Од друга страна, само Русија ја избра војната. Сè е подготвено за мир, само Русија одбива да го прифати. Русија тежи да ја преземе контролата над Украина. Соочени со таа тврдоглавост и непопустливост, остануваме решени и непоколебливи во нашата посветеност на мирот. Франција продолжува со модернизацијата на украинската војска и со одвраќањето од агресија. Овој договор ја покажува посветеноста на Франција да ја постави својата индустриска и технолошка извонредност во срцето на Украина и Европа – рече Макрон и повика на акции што ќе доведат до „праведен и траен мир“.

Тој наведе дека многу од испорачаните ракети и бомби на Украина се покажале на терен во досегашниот тек на војната.

– Украина дели историја со Европа, потребно е да ѝ се овозможи да стане слободна и европска – рече Макрон.

Зеленски го поздрави договорот што беше потпишан претходно како „значително зајакнување на одбранбените способности“ на Украина.

– Потпишувањето на овој договор овозможува значително зајакнување на нашите одбранбени капацитети. Заедно ќе го зголемиме индустрискиот и технолошки потенцијал на Франција и на Украина. Украина ќе може да добие 100 авиони „рафал“, 4 француски радари, 8 системи за противвоздушна одбрана, 6 системи за лансирање бомби – рече Зеленски.

Макрон и Зеленски претходно потпишаа писмо за намера, чија содржини засега не е позната, а Зеленски го нарече документот „историски договор“ со кој се дефинира долгорочната соработка меѓу двете земји.

– Ова ќе биде најголемиот систем за противвоздушна одбрана во светот – рече Зеленски.

Документот беше потпишан на маса поставена на пистата на воздухопловната база Вилакубле, пред летала и системи за противвоздушна одбрана.

Елисејската палата, неколку минути по потпишувањето на писмото за намера, соопшти дека Украина ќе купи до 100 авиони „рафал“, опрема за противвоздушна одбрана и дронови од Франција.

Поврзани содржини