УКРАИНА ЌЕ ГРАДИ ПОДЗЕМНО УЧИЛИШТЕ ВО ХАРКОВ Учениците ќе бидат заштитени од руските ракетни напади
Харков пред почетокот на новата учебна година приспособи околу 60 посебни училници во станиците на метрото, создавајќи простор за учење за повеќе од илјада деца.
Харков, вториот по големина украински град, ќе го гради првото целосно подземно училиште, со цел да ги заштити учениците од честите руски ракетни напади, најави градоначалникот на тој град. Тоа, воедно ќе биде и прва ваква зграда во земјата.
– Таквото засолниште ќе им овозможи на илјадници деца во Харков да го продолжат своето безбедно образование „лице в лице“ дури и за време на ракетни закани – објави на Телеграм градоначалникот на Харков, Ихор Терехов.
Новото училиште ќе ги исполни „најсовремените регулаторни барања во однос на заштитните структури“, тврди Терехов, од чии изјави не е јасно колкаво ќе биде училиштето и кога ќе се отвори.

Додека многу училишта во региони на првата борбена линија досега, за време на војната беа принудени да одржуваат настава преку Интернет, Харков, пред почетокот на новата учебна година приспособи околу 60 посебни училници во станиците на метрото, создавајќи простор за учење за повеќе од илјада деца, пишува Ројтерс.
Пред февруари 2022 година и почетокот на руската агресија врз Украина, Харков имаше повеќе од 1,4 милиони жители. Градот се наоѓаат на помалку од 35 километри од руската граница и тој е изложен на речиси секојдневни руски напади.
Гувернерот на областа Харков извести дека во изминатите 24 часа, заклучно со понеделникот, како последица на руските напади, загинал еден цивил, додека неколку куќи биле оштетени.
Во војната, на која не и се гледа крајот, убиени се илјадници и раселени милиони цивили, а според украинското Министерство за образование, уништени се 363 образовни институции низ целата земја, додека речиси 3.800 се оштетени.