УКРАДЕНИ СЕ ЛАПТОПИ ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ГАЗИ БАБА Крадецот ја скршил решетката и влегол преку прозорец
Осомничениот, како што информира Обвинителството, во периодот од август минатата година до април годинава неколкупати насилно провалувал во јавни институции и одземал вредна техничка опрема.
Од канцеларијата на градоначалникот на Општина Гази Баба биле украдени три лаптоп компјутери во вредност од 74.000 денари, во една од серијата тешки кражби за кои Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 48-годишен маж.
Осомничениот, како што информира Обвинителството, во периодот од август минатата година до април годинава неколкупати насилно провалувал во јавни институции и одземал вредна техничка опрема.
Првичната кражба, според податоците, се случила на почетокот на август 2024 година, кога осомничениот насилно ја отстранил металната решетка од прозорец на канцеларијата на службеникот за внатрешна ревизија и одзел лаптоп вреден 18.000 денари. Само неколку дена подоцна, повторно провалил – овојпат во канцеларијата на градоначалникот – и одзел три лаптопи со вкупна вредност од 74.000 денари.
Серијата кражби продолжила и во април годинава, кога осомничениот повторно упаднал во една од бараките на општината и одзел лаптоп, бормашина и други предмети во вредност од 41.100 денари.
На 19 април 2025, пак, осомничениот го проширил својот опсег на дејствување и насилно влегол во Миколошката лабораторија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Таму украл шест лаптоп компјутери и 500 денари, а вкупната штета изнесува 208.576 денари.
Два дена подоцна, тој бил затекнат како провалува и во Шумарскиот факултет. Пребарувал во два кабинети и читалната, но не одзел ништо, поради – како што стои во пријавата – „непознати причини“.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог до Основниот кривичен суд за определување мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство и можност за повторување на делото.