Укинете го кешот и животот ќе биде полесен за сите
Зборуваме за богата и социјална држава, за полна државна каса, за дигитализација, а толерираме селективна финансиска недисциплина, неплаќачи, задоцнувачи, затајувачи, потплатувачи... Сакаме ли ние крај на сивата економија или само се залажуваме?
Сивата економија, според одредени анализи, во земјава зафаќа од 20 до 40% од вкупната економија. Тоа значи дека речиси половина од бизнисите даваат дел од плата во плик и не плаќаат придонеси на целиот износ на платите на вработените. Како последица на тоа, се кратат парите што се слеваат во Фондот за пензиско, па пензионерите стануваат товар на државата.
Од друга страна, висок процент од малите бизниси не издаваат фискални сметки и фактури и не плаќаат ДДВ. Сето тоа поминува пред замижаните очи на државата и на нејзините инспекции.
Веќе три децении зборуваме за сивата економија и за штетите што ги трпиме сите поради неа. Но, за жал, исто толку долго се избегнува да се преземат вистински мерки и да се стави крај на оваа тема. Се потрошиле илјадници евра по конференции и работилници на кои се зборувало за борбата против сивата економија, а со години се избегнува очигледното и единственото нужно решение.
Денес, дигитализацијата го овозможува тоа, и иако некому може да звучи радикално, тоа за нас е единствената шанса – да се укине кешот, односно да се укине плаќањето во готово.
Во борбата против сивата економија и против перењето пари, државата си поставила цел секоја година да го намалува износот со кој се плаќа во готово. Но, за жал, таа самата не го спроведува зададеното. До 2019 година, лимитот за плаќање во кеш беше 500 евра, а во 2020 година, со законски измени, се зголеми на 3.000 евра?!
По 4 години стагнација, од 1 јануари годинава, лимитот за готовинско плаќање во Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам е намален на 2.000 евра, а од 2025 година е предвидено да се намали на 1.000 евра.
И навистина, не знам дали ова се спроведува, на пример, на автоплацовите и дали таму се купуваат коли преку фактура или со картичка, или пак сѐ си оди и натаму во кеш?
Според последниот список на должници што го објави Управата за јавни приходи, до крајот на јуни фирми и граѓани не платиле повеќе од 169 милиони евра по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
Најновите податоци од истражувањето на Фајнанс тинк, пак, покажуваат дека дури 21,1% од вкупниот број вработени во земјава се нецелосно пријавени, што значи дека околу 250 милиони евра годишно не стасуваат во Буџетот само по основ на придонеси. Не се пријавени дури 70,4% од приходите од кирии, што е еднакво на 4,9 милиони евра загубен данок. Непријавените приходи од самовработување се проценети на 42,3 милиони евра.
Малку пари ли се тоа?!
Ако се укине кешот, на државата веќе нема да ѝ бидат потребни инспектори, кои и онака ги нема и нема ни да ги има доволно за да го фатат секој затајувач на данок.
А примери за сивата економија има секаде околу нас. Како може лекар на Клиника да зема околу 70.000 плата, а негов колега во приватна ординација – 25.000 денари?
На цел глас зборуваме за дигитализација, а секој месец гледаме редици пензионери кои чекаат да платат сметки за струја, вода, парно… И никому ли не му текнува како да го реши тој проблем?
Единствено што останува да се фискализира се зелените пазари и кванташккиот пазар, каде исто така се слеваат огромни суми кеш. Кога може да има терминал во авион, веќе може да се воведе и на пазар. Тоа ќе биде добар повод да се реорганизираат и самите пазари.
Ќе прашате – а што со парите што ги чуваат граѓаните под перница?
Има една стара идеја, која исто така може да звучи радикално, но ако се гледа големата слика во нашата борба против сивата економија – која гледаме дека веќе станува борба за опстанок на бизнисите и на економијата во државата – звучи прифатливо. Амнестија на парите! Дозволете им на сите што имаат пари под перница да ги внесат на сметка во банка без потврда за нивното потекло во рок од 2-3 месеци. Само така државата ќе ги придобие граѓаните да имаат доверба во неа и во банките. А потоа ќе се смени економската слика на општеството. Нема да има веќе неплаќање ДДВ и неиздавање фискални сметки, на пример.
Со укинување на кешот, државата конечно ќе им оддаде признание на сите оние професионалци кои исплаќаат целосни плати и придонеси на сметките на вработените, кои плаќаат редовно ДДВ и разни други давачки. Со овој потег ќе им се помогне и на бизнисите да бидат подисциплинирани во финансиската дисциплина и да ги плаќаат фактурите во наведениот рок. Зашто, во бизнисот се знае, ако фатите работа со нередовен плаќач, тогаш и вашиот бизнис ќе настрада.
Со овој потег Владата ќе покаже дека нема да толерира селективна финансиска недисциплина, неплаќачи, задоцнувачи, затајувачи, потплатувачи…
Во 2023 година Шведска стана првата земја во Европа во која се укина плаќањето во готово. Сѐ попопуларна е мобилната апликација Свиш, преку која луѓето си префрлаат пари ако делат сметка во ресторан, на пример. И ние можеме да бидеме Шведска. Зошто да не? Треба само искрено да сакаме да ставиме крај на сивата економија.
Сакаме ли?