УКИНАТИТЕ ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОРИ СТАНАА СОВЕТНИЦИ?! Левица бара да се испита спрегата на братучедите Мемеди на Детската клиника
Од Левица велат дека власта иако формално ги укина економските директори и најави рационализирање на трошоците, сепак, преку „договор на дело“ тие повторно функционираат.
Пред околу два месеца, со закон официјално беа укинати функциите „економски/организационен“ директор во јавните здравствени установи, но, најверојатно, и овој закон се изигрува, а Владата, изгледа, продолжува со назначување на лица кои незаконски управуваат со болниците, иако немаат високо медицинско образование, предупреди Левица.
„Пример е Алајдин Мемеди (братучед на формално назначениот нов медицински директор, д-р Реџеп Мемеди), кој со консултантски договор, е ‘нелегално’ ангажиран да управува со Клиниката за детски болести. Тој на јавноста ѝ е познат по исплаќањето плата повисока од коефициентот на самиот себе, а по утврдувањето на криминалот од Фондот за здравствено осигурување и ДЗР во 2022 година, тој бил разрешен. Инаку, Алајдин Мемеди е поранешен пратеник на Алтернатива, кој стапи во коалицијата Вреди, како член на Демократско движење и беше назначен од Владата на Мицкоски како економски директор на Клиниката за детски болести, која веќе била раководена од неговиот братучед“, се наведува во соопштението на Левица.
Оттаму додаваат дека власта иако формално ги укина економските директори и најави рационализирање на трошоците, сепак, преку „договор на дело“ тие повторно функционираат.
„Според информациите кои ги добиваме од Клиниката, братучедите од Студеничани имаат заемно владеење на институцијата, па Алајдин, иако не е вработен во Клиниката, користи скениран потпис од својот братучед, медицинскиот директор Реџеп, за печатење на одлуки кои самиот ги донел. Информациите од нивните колеги кои доспеаја на наша адреса, според нив, како наши информатори се однесуваат на груба злоупотреба на службената положба и кривично дело според Законот за кривична постапка, преку кое тој фалсификува документи и вработува и отпушта персонал во Клиниката, која веќе кубури со медицински кадар!“, се наведува во соопштението на Левица.
Левица бара итно разрешување на братучедите и назначување медицински директор на Клиниката за детски болести преку оглас со соодветни критериуми предвидени со Законот за здравствена заштита.
Левица бара од Државниот завод за ревизија и од Државната комисија за спречување корупција итно да ја проверат работата на клиниките и да ги утврдат посочените злоупотреби, како и да утврдат дали јавноста се манипулира со укинувањето на економските директори и се наоѓа начин да се заобиколи законот.