УКИНАТА СТАНИЦАТА ОРЕШЕ, ВОЗОТ ГУБЕЛ ЗАЛЕТ!? Мештаните и планинарите револтирани, „Ова ли е грижа за туризмот?“
Со одлуката на МЖ базирана на „сериозна и сеопфатна анализа“, укинати се и други стојалишта од и онака ужасно малиот број линии – вели Игор Смилев од планинарскиот дом во „Папрадиште“.
Македонски Железници ја укина Орешка станица, единствената станица на пругата Богомила – Прилеп која ја користеа планинарите кои се искачуваа кон врвот Солунска Глава, како и жителите од двете планински села Ореше и Папрадиште, тврдат од планинарскиот дом „Папрадиште“:
„Ги информираме сите патници, планинари и жители на околните села Ореше и Папрадиште кои го користат возот Скопје- Битола- Скопје дека од 1, јули 2023 година ЈП Македонски железници трајно ја укина Орешка станица, и возовите веќе не застануваат на оваа железничка постојка“ – објави Планинарски дом „Папрадиште“ на својата фејбук страница.
Планинарите велат дека Македонски Железници АД Транспорт ја укинале постојката затоа што нивната анализа покажала дека многу малку луѓе и планинари се симнувале на станицата и возот непотребно губел 30 до 65 секунди време и залет кон угорницата пред долгиот тунел кај прилепско Гостиражни.
– Тоа е затоа што од 1. јули 2023 година железничката постојка на Орешка Станица (после Богомила) на пругата Скопје-Битола- Скопје се УКИНУВА, оти „многу малку планинари и луѓе“ се симнувале, па возот непотребно губел од 30 до 65 секунди залет и време!? Со одлуката на МЖ базирана на „сериозна и сеопфатна анализа“, укинати се и други стојалишта од и онака ужасно малиот број линии – вели Игор Смилев од планинарскиот дом во „Папрадиште“.
Веста наиде на огорчени реакции од граѓани и планинари.
– Голема штета за планинарите и за мештаните од тој регион. Како ќе го развиваме и одржуваме планинарскиот туризам? Веднаш да се врати стариот возн ред – напиша една од членовите на групата ПД „Папрадиште“.