ЃУКАНОВИЌ И МИЛАТОВИЌ ЌЕ СЕ СООЧАТ ВО ВТОРИОТ КРУГ? Прв круг од претседателските избори во Црна Гора
Според прелиминарните податоци кои ги објави Центарот за мониторинг и истражување, врз основа на скоро 99 отсто обработени гласачки ливчиња, Ѓукановиќ освои околу 35 отсто од гласовите, додека Милатовиќ околу 29 отсто.
Актуелниот претседател на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и кандидатот на Движењето Европа сега Јаков Милатовиќ одат во вториот круг на претседателските избори, што ќе се одржи на 2 април, покажуваат прелиминарните податоци кои ги објави Центарот за мониторинг и истражување, врз основа на скоро 99 отсто обработени гласачки ливчиња. Ѓукановиќ освои околу 35 отсто од гласовите, додека Милатовиќ околу 29 отсто.
Во првиот круг, што се одржа денеска, ниеден од кандидатите за претседател на Црна Гора не освои над половина од гласовите на излезените избирачи. Избирачките места беа затворени во 20 часот. Излезноста на гласачите се проценува на 53,6 проценти. Право на глас во Црна Гора имаат нешто повеќе од 534.000 избирачи. Претседателот на Државната изборна комисија рече дека не се пријавени нерегуларности за време на гласањето на изборите, кои аналитичарите ги оценија како најнеизвесни досега.
Според црногорското изборно законодавство, за да биде избран некој од кандидатите во првиот круг треба да освои повеќе од 50 отсто од гласовите. Доколку ниту еден кандидат не го добие потребниот број гласови, вториот круг од изборите ќе се одржи за 14 дена, во случајов на 2 април. Во вториот круг учествуваат двајцата кандидати кои освоиле најголем број гласови.
Претседателот на државата се избира со мандат од пет години.
Дел од светските медиуми излегоа со анализи за Црна Гора по изборите. Асошиејтед прес пишува дека е неизвесно дали оваа мала земја-членка на НАТО ќе го деблокира патот кон ЕУ или ќе ги подобрува релациите со Србија и со Русија.
Актуелниот шеф на државата Мило Ѓукановиќ ги прикажа претседателските избори како избор помеѓу независна Црна Гора, предводена од него, или земја контролирана од Белград и Москва.
Неговиот главен политички опонент Андрија Мандиќ од партијата Народен фронт, кој беше обвинет дека е дел од обидот за државен удар организиран од Русија во 2016 година, се обиде за време на кампањата да се претстави како личност која помирува, велејќи дека негова главна цел како претседател ќе биде да го премости црногорскиот јаз.