Угостителите кои утре треба да ги отворат терасите, во секој момент очекуваат да ги добијат протоколите за работа од надлежните. Тие велат дека мерките доследно ќе ги почитуваат, но сепак се надеваат на измени согласно нивните барања.
– Денеска очекуваме секој момент официјално да ги добиеме протоколите. Имаме информации дека има измени според нашите барања. Извесно е дека нема да заработуваме, но можеме да направиме подобра позиција за да имаме помали загуби ако има поразумни мерки – вели потпретседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Мартин Ангеловски.
Според Стопанската комора на Македонија, во партнерски процес со владата добиен беше предлог врз основа на кој се дефинираа превентивните мерки. Бизнисот ги изнесе забелешките и сега чека да види што од нив е усвоено. Времето ќе покаже, децидни се од Комората, дали протоколите ќе се одразат врз работата на угостителите.
– Ситуацијата не е сменета од минатата недела кога ја предочивме состојбата. Ќе видиме утре кој се ќе отвори. Едно е најава, друго е на терен. Во секој случај, времето ќе покаже дали протоколите ќе се одразат врз работата на угостителите. Свесни сме дека во сите земји во регионот и пошироко угостителството и туризмот беа најпогодени. Од друга страна, отворањето на угостителските објекти е специфично од аспект на групирање на луѓето што е една од главните препораки која не треба да се прави – нагласуваат од Стопанската комора.
Поради коронавирусот, угостителските објекти не работеа и беа целосно затворени околу 2,5 месеци. Загубите, според проценките на секторот, се и ќе бидат огромни, а потребен ќе биде и подолг период за целосно закрепнување.
Фото: МИА