Угостителите по средбата со Битиќи: Од пет барања три се исполнети, а едно се дорабортува
Вицепремиерот Битиќи ги информира угостителите дека петтиот пакет на мерки е во духот на заздравување и рестарт на економијата.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи попладнево се сретна со претставници на Независната угостителска комора (НУК). Тема на разговор биле предлозите на угостителите како и новиот, петти сет на економски мерки, кој се очекува да биде донесен наскоро.
Претседателот на Независната угостителска комората Здравко Јосифовски по средбата изјави дека НУК првпат директно комуницираше со Владата и на некој начин, како што рече, придонесува во носењето мерки за поддршка и помош на угостителската индустрија во земјава.
– Имавме скоро цели два часа разговори, дискусии и појаснувања околу нашите барања, како и презентација на пакетот мерки што ги спрема државата. Од нашите пет барања, трите се скоро во целост исполнети, четвртото барање останува да се доработи, а во однос на петтото немаше. Најверојатно месец јануари на некој начин е изгубен во однос на субвенцијата за плати, но државата работи и вложува напори како да ги надомести во наредниот период – изјави Јосифовски.
Тој информира дека е договорено да се одржи уште една средба со вицепремиерот Битиќи, а доколку условите не дозволуваат поради протоколите и бројот на учесници, средбата може да се одржи и виртуелно.
Како што соопштија од кабинетот на Битиќи, тој посочи дека Владата од самиот почеток ги детектираше угостителскиот и туристичкиот сектор, како сектори кои имаат негативни последици поради пандемијата.
– Владата работи на сетови на мерки кои ќе ја придвижат економијата напред. Во претходните сетови мерки, угостителството и туризмот беа сериозно поддржани, затоа што државата со уредба го ограничи нивното работење. Во моментов факт е дека угостителите имаат можност да работат, секако следејќи ги протоколите кои комисијата за заразни болести ги предложи, а Владата ги усвои. Со тоа што голем дел од угостителите имаа можност и да ја прилагодат својата работа со воведување на достава на производите до своите клиенти. Во време на оваа светска криза, ние сите се прилагодуваме, но она што е начело кое го имаме од почетокот и кое е зад сите политики кои ги носиме, тоа е солидарноста и правичноста при креирање на мерките. Петтиот пакет на мерки е во духот на заздравување и рестарт на економијата- подвлече Битиќи.
Битиќи ги покани сите гранкови комори кои чувствуваат дека не се доволно претставени, да се организираат во тело кое тие сметаат дека е соодветно, за да можеме да ја олесниме комуникацијата и да го зголемиме претставувањето на сите оние кои заслужуваат да бидат слушнати.
НУК претходно ги соопшти петте барања: безусловна помош за вработените во угостителската индустрија до крајот на пандемијата, односно додека траат ограничувањата за работа, надомест во вид на неповратен грант за штетата направена со последната рестриктивна мерка од декември која траеше до 20 јануари и кога работното време на угостителите беше до 18 часот, достапност до долгорочни, бескаматни државни кредити, изедначување на ДДВ за угоостителските субјекти согласно ветените 10 проценти, како и одлагање или репрограмирање на сите извршни постапки врз угостителите и угостителската индустрија.