УГЛЕДЕН АДВОКАТ ОСУДЕН ЗА УБИСТВО НА СОПРУГАТА И СИНОТ На судењето не покажа никакви емоции
Мардо бил влијателен адвокат, од угледно семејство, но на судењето се откри дека тој со години крадел од своите партнери и клиенти за да ја задоволи зависноста од дроги и екстравагантен начин на живот.
Влијателниот адвокат од Јужна Каролина Алекс Мардо е прогласен за виновен за убиството на сопругата и синот, со цел да ги прикрие своите финансиски криминали од повеќе милиони долари, пренесуваат повеќе американски медиуми.
Поротата расправаше помалку од три часа пред да го осуди Мардо (54) за две точки од обвинението за убиство на крајот од шестнеделното судење. За секое обвинение за убиство му се заканува казна од 30 години до доживотен затвор без помилување.
Меги и Пол Мардо биле застрелани на одгледувачницата за кучиња на нивниот семеен имот на 7 јуни 2021 година.
– Доказите за вина се огромни – рече судијата на окружниот суд во Јужна Каролина, Клифтон Њуман.
Мардо се изјасни за невин за убиството на неговата сопруга и најмладиот син.
– Никогаш не би ја повредил Меги и никогаш не би го повредил Пол – никогаш – под никакви околности – сведочеше Мардо пред судот.
Сепак, при изрекувањето на пресудата Мардо не покажал никакви емоции ниту жалење.
Случајот стана многу познат во САД, а за него се снимени документарни филмови на „Нетфликс“ и „ХБО“.
Мардо бил влијателен адвокат, од угледно семејство, но на судењето се откри дека тој со години крадел од своите партнери и клиенти за да ја задоволи зависноста од дроги и екстравагантен начин на живот. На инспекторите им требаше повеќе од една година да ги обезбедат доказите.
Случајот против него беше целосно заснован на посредни докази. На судењето не беа презентирани никакви директни докази како оружје со кое е извршено убиство, крв на неговата облека или очевидец. Наместо тоа, обвинителството се фокусирало на инкриминирачкото видео на апликацијата „Снепчет“ снимено од синот на Мардо непосредно пред убиствата. Пол и неговата мајка биле убиени во одгледувачниците на семејниот ловечки имот, познат како Мозел.
Меѓу најсилните докази беше признанието на Мардо минатата недела за лажно алиби ноќта на убиствата. Мардо го смени сведочењето откако поротата слушна аудио доказ дека тој бил на местото на злосторството неколку минути пред да бидат извршени убиствата.
Покрај гонењето на Мардо за убиство, јавниот обвинител на Јужна Каролина поднесе 99 други обвиненија против него за финансиски злосторства кои датираат од пред неколку години. Тој е обвинет за измама на повеќе клиенти од над 8 милиони долари.
долари.