ГРОМ УДРИ ВО ЗГРАДА ВО ВЕЛЕС Изгоре стан, нема жртви

935

Во силното невреме со дожд кое попладнево го зафати Велес, гром удри во зграда на улица Никола Карев бр. 3 наспроти ООУ „Васил Главинов“. Од громот се запали и изгоре стан во поткровје и покрај брзата интервенција на пожарникарите од ТППЕ од Велес. Станарите од станот што се запалил не биле дома и нема повредени лица.

– Четворица соседи, од кои две жени и двајца мажи побарале помош од екипата на Итната медицинска помош која дошла на настанот во 14.40 часот. Од нив двајцата мажи, постар татко и син побарале медицинска помош поради зголемен крвен притисок и видна вознемиреност од настанот, а по укажаната прва помош на лице место од екипата на Прва помош тие со возило на Итна помош биле однесени на реанимација во велешката Општа болница – информира Василка Пановска Поп Стефанова началник на Брза помош која била на местото на настанот.






Како што информираат од ТППЕ од Велес, тие биле повикани да интервенираат во 14.25 часот и на местото на пожарот се упатиле со 12 пожарникари и три противпожарни возила. Пожарот бил локализиран во 15.40 часот, а целосно изгаснат во 16.30 часот.

– Најголем проблем за тоа што пожарот брзо се распламти беше што во зградата немаше  хидрантна мрежа – велат од ТППЕ Велес.
Тие апелираат до сите станари во зградите во Велес, под итно да ги оспособат расипаните и оштетени  хидрантни мрежи во своите згради на живеење, за навреме да биде спречен пожар од пошироки размери. 

 

 

фото: Курир.мк

Поврзани содржини