УСМРТЕН ПРЕД СОПСТВЕНИОТ ПРОЗОРЕЦ Моторџија прегази скопјанец на кејот кај „Жабарот“
Несреќата се случила вчера околу 20 часот, а според очевидци, мажот бил прегазен буквално под прозорецот од својот стан, веднаш откако излегол надвор.
Тешка трагедија го потресе Скопје откако повозрасен маж загина во несреќа на пешачката зона на кејот на Вардар, спроти Паркот на Франкофонијата.
Несреќата се случила вчера околу 20 часот, а според очевидци, мажот бил прегазен буквално под прозорецот од својот стан, веднаш откако излегол надвор. Во моментот на трагедијата, во близина имало повеќе од 30 деца кои се движеле и играле на кејот, што ја зголемува драмата на ситуацијата.
Очевидци кои споделуваат детали на социјалните мрежи тврдат дека мотоциклот со кој било удрено лицето, бил управуван од две лица кои наводно бегале од полицијата. Засега нема потврдени информации од Министерството за внатрешни работи, иако побаравме официјален став во врска со трагичниот инцидент.
Граѓани кои биле на лице место сведочат за сцени на паника, шок и вознемиреност, особено поради присуството на мали деца кои го виделе моментот на ударот.
Истрагата треба да потврди дали моторот навистина учествувал во полициска потера и дали возачите биле под дејство на алкохол или дрога.