Училиштата во Италија ќе ги сечат клупите за да има дистанца

997

За да се спречи ширењето на коронавирусот во училниците, локалните училишта во Италија почнаа да го преполовуваат мебелот.

Повеќето италијански училишта користат старомодни долги клупи кои не одговараат на мерките на социјална дистанца и итно им се потребни многу индивидуални клупи.






Италијанското Министерство за образование објави на почетокот на јули европски тендер за три милиони индивидуални клупи, кои треба да пристигнат во училниците до 8 септември, пишува Си-Ен-Ен.

Но, многу италијански области се загрижени што клупите нема да пристигнат навреме за почетокот на учебната година и ги презедоа работите во свои раце и решија да ги сечат старите дрвени клупи.

„Можеме да користиме дрвени прегради, но најдобро решение е да ги пресечеме клупите“, изјави Аделфио Кардинале, задолжен за училишните области на Сицилија.

Италија беше првата европска земја што воведе национален карантин. Затвори некои училишта на 5 март, а сите други на 10 март и досега дозволи само најмладите ученици да се вратат на училиште.

Италијанската министерка за образование, Лусија Ацолина, откри план за отворање на училиштата кон крајот на јуни, во кој се вклучени одредби за ограничување на бројот на ученици во училниците за да се обезбеди растојание од најмалку еден метар меѓу нив. Наставниците треба да носат маски и визири, а учениците маски.

Училниците ќе се дезинфицираат неколку пати на ден, а часовите ќе бидат поделени во помали групи за ограничување на социјалниот контакт, што исто така треба да го олесни избегнувањето контакти доколку некој од учениците се тестира позитивно за ковид-19.

Поврзани содржини
na