УЧИЛИШТАТА ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО ДИГИТАЛНА ЕРА Се укинуваат печатените свидетелства, еве како ќе се верификува успехот

Од 2026 година свидетелствата само во електронска форма, родителите нема да трошат пари за печатени, системот ќе ги повлекува, информираше министерката Јаневска.

760

Од следната учебна година учениците од основните и средните училишта во Македонија нема да добиваат печатени свидетелства, туку тие ќе бидат достапни исклучиво во електронска форма. Промената веќе е можно да се спроведе и оваа година, но како што најави министерката за образование Весна Јаневска, целосната дигитализација на сведителствата ќе започне во 2026 година.

Според неа, ова претставува чекор напред кон модернизација на образовниот систем, но и олеснување за родителите, кои повеќе нема да треба да бараат документи или да се грижат за нивен физички облик.






– Во овој момент системот, односно е-дневникот, овозможува печатење електронски свидетелства. На учениците од прво до деветто не им се потребни. Потребно им е само свидетелството од деветто за запишување во средно. Средните училишта веќе можат сами, преку електронски пат, да ги повлечат сите потребни свидетелства за секој ученик – истакна Јаневска.

Истото важи и за факултетите при запишување на студенти, кои ќе имаат директен пристап до електронските документи преку поврзаниот систем. За оние што ќе продолжат образованието во странство, сепак ќе остане потребата од хартиено сведителство и диплома.

– Се надевам дека сѐ помалку ученици ќе заминуваат надвор, но за тие што ќе сакаат, ќе биде потребна диплома од четврта година и свидетелство од деветто одделение. Сепак, и тие документи може да се повлечат дигитално – додаде министерката.

За учениците кои сакаат физичка потврда од завршената учебна година, училиштата ќе имаат можност да испечатат основен документ, со минимален трошок.

– Училиштето може да потроши еден топ хартија од 500 денари и да им издаде на учениците некој основен документ како потврда за завршена година – но тоа е само ако има потреба  рече Јаневска.

Таа додаде дека иако дигиталната трансформација е прифатена во урбаните средини, во руралните делови сè уште постои дигитална неписменост, што претставува предизвик. Сепак, целта е до следната учебна година, дури 80 до 90 отсто од сите сведителства да бидат исклучиво електронски.

– Постојат луѓе во руралните средини кои ако не добијат сведителство во раце, не знаат дали детето ја завршило учебната година. Ќе работиме и на тој дел, за да бидеме подготвени како општество за целосен дигитален премин – заклучи министерката Јаневска.

Поврзани содржини