УЧЕНИК ЗАВРШИ СО ДУПНАТА ГЛАВА Професор со метален предмет натепал средношколец
Во ОВР Струга приведен е Е. С. (57) од Струга, кој во средното училиште „Ибраим Темо“ го нарушил јавниот ред и мир и со метален предмет физички нападнал ученик во истото училиште, велат од СВР Охрид.
Професор со метален предмет денеска околу 13 часот и 30 минути повредил ученик во средното училиште „Ибраим Темо“ во Струга.
Ученикот, бил примен на Хируршкото одделение со повреда на главата, потврди директорот на струшката Болница Арменд Арслани.
– Од одделението за Хирургија ме известија дека во 13 часот и 45 минути е примено дете со повреда на главата. Извршено е шиење и детето е пуштено на домашно лекување, изјави Арслани за МИА.
Полицијата, како што информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, го привела сторителот, 57-годишен стружанец.
– Во ОВР Струга приведен е Е. С. (57) од Струга, кој во средното училиште „Ибраим Темо“ го нарушил јавниот ред и мир и со метален предмет физички нападнал ученик во истото училиште. Се работи на целосно расчистување на настанот, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Професорот, што денеска напладне со метален предмет повреди ученик бил проблематичен подолг период, потврди директорката на средното училиште „Ибраим Темо“ Бесиме Јонузи.
Според неа, расправијата меѓу професорот и ученикот почнала завчера, а дисциплинската комисија во училиштето вчера донела одлука за негово суспендирање.
– Мотивот не го знаеме, затоа што со професорот сме имале проблеми години наназад. Сите институции се известени, преземени се сите законски мерки. Инцидентот почна завчера, јас вчера наутро свикав состанок на дисциплинската комисија од каде излезе одлука за негово суспендирање. Денеска требаше да ја потпишам одлуката и да го известам професорот. Не знам дали тој дозна за одлуката па се случи инцидентот, со железен бокс го удрил во глава. Викнавме полиција го приведоа, а детето го однесовме во болница, изјави Јунози.
Професорот привремено е суспендиран, а како што нагласи директорката, институциите ќе одлучат за негово враќање на работното место.