УЧЕНИЦИТЕ ОД УТРЕ ВО УЧИЛИШТЕ Штрајкот на СОНК е ставен во мирување

Советот на СОНК и СОНК се легалисти и се за почитување на законите, од таа причина дел од одредбите водат кон тоа дека додека траат периодот на помирување и решавање на спорот меѓу двата спротивставени табори, доколку се работи за штрајк истиот оди во мирување – истакна Неделков.

1,329

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков денеска на прес-конференција посочи дека штрајкот е ставен во мирување, а тоа значи дека утре во училишните клупи се враќаат основците и средношколците.

Причина за ваквата одлука на СОНК е добиеното известување од Министерството за труд и социјална политика за мирно решевање на работните спорови. Како што вели тој, денеска Советот на СОНК расправал во врска со добиеното известување, по што се консултирале со правници.






– Советот на СОНК и СОНК се легалисти и се за почитување на законите, од таа причина дел од одредбите водат кон тоа дека додека траат периодот на помирување и решавање на спорот меѓу двата спротивставени табори, доколку се работи за штрајк истиот оди во мирување – истакна Неделков.

Тој потенцираше дека максималниот период за помирување меѓу двата табори е околу 20 дена, првиот рок е од десет дена, па доколку една од страните не е задоволна од преговорите може да побара дополнителни 10 дена за преговори. Доколку во овој период не се реши спорот кој го имаат, штрајкот повторно ќе биде активен.

Неделков изрази надеж дека платите ќе бидат зголемени, дневниците за време на штрајкот нема да бидат скратени и дека колективните договори ќе бидат потпишани и утврдени со рокови.

За денеска не се закажани преговори со ресорното Министерство, а како што изјави Неделков, и да добијат покана, денеска не се во можност да одат на преговори.

Смета дека во овој период на помирување би било добро да не се одржи и најавениот протест на 4 мај за да не се врши дополнителен притисок врз преговарачите.

Штрајкот започна на 11 април. СОНК бараше зголемување на платите за 18,5 отсто, односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

Владата им понуди 12 % повисоки плати, што наиде на негодување кај дел од членството на синдикатот, кој бараше штрајкот да продолжи.

Поврзани содржини