УЧЕНИЦИТЕ НЕ СЕ ЕКСПЕРИМЕНТАЛНИ ГЛУВЦИ Демократски сојуз бара предметот Историја да се врати во училиштата
„Не сакаме да веруваме дека овие реформи се резултат на Договорот за добрососедство со Бугарија и на одлуките што ги носи заедничката Комисија за историски и образовни прашања“, вели ДС и предупредуваме дека „со механичко мешање на наставните содржини на три различни предмети се маргинализира изучувањето Историја, кој е исклучително важен предмет за сочувување и јакнење на националниот идентитет и за формирање на личноста на младите“.
Демократскиот сојуз го повика Министерството за образование да ги прекине активностите за менување на наставната програма за шесто одделение и воведување нов предмет Историја и општество од следната учебна година, кој треба да замени три одделни предмети – Историја, Географија и Граѓанско образование.
Партијата ја повика Владата да ги разгледа сите аспекти на реакциите од експертите и партиите и да престане да ги третира учениците како експериментални глувци и да го врати предметот Историја во формата како што досега се изучуваше, како посебен предмет.
Не сакаме да веруваме дека овие реформи се резултат на Договорот за добрососедство со Бугарија и на одлуките што ги носи заедничката Комисија за историски и образовни прашања, се вели во соопштението на ДС и се додава:
„Предупредуваме дека со механичко мешање на наставните содржини на три различни предмети се маргинализира изучувањето Историја, кој е исклучително важен предмет за сочувување и јакнење на националниот идентитет и за формирање на личноста на младите“.
Демократски сојуз ја осуди оваа контроверзна образовна реформа уште кога беше ненаучно и насилно накалемена од тимот на екс-министерката за образование Мила Царовска.
„Тогаш предупредивме дека експериментот кој преку спојувањето повеќе различни предмети ќе се испробува во Македонија, врз грбот на нашите најмлади, во таква форма не постои никаде во Европа и во цивилизираниот свет кон кој се стремиме“.
Партијата инсистира дека спојувањето на предметот историја со повеќе други предмети, испраќа порака дома и кај нашите соседи дека на Македонците историјата не им е важна, што може да се сфати како сечење на корените на македонскиот народ и обид за негово бришење од картата на народите, поради што мораме да бидеме внимателни.
„Во меѓувреме, бевме сведоци на неспособност на министерството да подготви учебници според новата наставна програма а видовме и печатење нови учебници со скандалозни грешки. Во учебникот за историја и општество за петто одделение, на пример, беа згрешени страните на светот, каде што пишуваше дека источен сосед ни е Албанија, а западен Бугарија и дека Монт Еверест е висок 29.000 метри, наместо 8.000“.