УЧЕНИЦИТЕ И НАСТАВНИЦИТЕ НЕМААТ ДЕРМАН! Дојави за бомби во 12 скопски и осум кумановски училишта
Ова прво полугодие завршува, остануваат уште два дена. Наместо да прославуваат учениците, овие денови ни преминуваат во нешто сосем поинкаво – вели Јасмина Спасовска, директорката на Основното училиште „Браќа Миладиновци" во Куманово.
Дојави за бомби попладнево се упатени на електронските адреси на 12 училишта во Скопје и осум во Куманово, информираат од МВР.
– Попладнево e пријавено дека на електронските адреси на 12 училишта во Скопје и осум во Куманово е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите – наведуваат од МВР.
На електронските адреси на осум училишта во Куманово е пријавено дека е упатена закана за поставена експлозивна направа во училиштата, соопшти СВР Куманово.
– Веднаш по добиените пријави од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, соопштија од СВР Куманово.
Претходно за МИА, веста ја потврди директорката на Основното училиште „Браќа Миладиновци”, Јасмина Спасовска која кажа дека учениците се безбедно евакуирани за пет до шест минути. На улицата забележливо е зголемено присуство на полиција покрај училиштето.
– Повторно евакуација на ученици, овој пат од друг имејл ни беше испратена дојавата. Имаме присуство на полицијата, очекуваме и други единици. Ова прво полугодие завршува, остануваат уште два дена. Наместо да прославуваат учениците, овие денови преминуваат во нешто поинкаво. Ќе ги чекаме насоките од службите за тоа дали ќе продолжи наставата – изјави директорката Спасовска.
Дојави имало и во други училишта во Куманово во централно градско подрачје и во рурални средини. Според првични информации, закани за поставени експлозивни направи има во основните училишта „11 Октомври”, „Бајрам Шабани” и „Кочо Рацин” од градските средини и „Браќа Рибар” во Табановце, „Јероним де Рада”, Черкези, „Христијан Карпош”, Умин Дол и „Кирил и Методиј” во Романовце.
Во текот на вчерашниот ден 20 училишта во Скопје упатија пријави до МВР за добиени пораки на електронските адреси со закана за поставена експлозивна направа, каде по направените потребни проверки беше утврдено дека станува збор за лажни пријави.