Учебната година практично е завршена, треба да се најде начин како ќе се оценуваат учениците
Воведувањето онлајн настава е детерминирано и од поставеноста и квалитетот на интернет мрежата, која сакале или не, мораме да признаеме дека од аспект на квалитет се разликува во урбаните и руралните средини, а тоа би ги ставило учениците во нерамномерна положба, велат од МОН за Плусинфо.
Класична онлајн-настава во време на вонреден распуст не е опција, бидејќи не постои правна регулација за нејзино спроведување, велат за Плусинфо од Министерството за образование и наука (МОН). Оттаму додаваат дека не сите деца поседуваат, користат и знаат да ракуваат со електронски уреди, или, пак, имаат концентрација да следат онлајн-настава.
– Воведувањето онлајн настава е детерминирано и од поставеноста и квалитетот на интернет мрежата, која сакале или не, мораме да признаеме дека од аспект на квалитет се разликува во урбаните и во руралните средини, а тоа би ги ставило учениците во нерамномерна положба. Ние заедно со сите засегнати, надлежни институции и партнерски организации се заложивме за изнаоѓање начини за неформална едукација кои ќе бидат достапни за најголем број ученици. Во таа насока, освен што споделивме едукативни содржини со училиштата и со јавноста, донесовме и заедничка одлука за емитување едукативна програма „ТВ училница“ на Македонската радио телевизија (МРТВ) – велат од МОН.
Оттаму додаваат дека едукативната програма „ТВ училница“ ќе продолжи да се емитува во следните денови додека учениците и децата на претшколска возраст не одат на училиште.
– Станува збор за едукативни содржини изведени од наставните програми по сите предмети, што всушност децата требаше да ги изучуваат доколку посетуваа настава во овој период. Напоменуваме дека ќе има содржини за сите генерации ученици во основно образовани, а предавањата ќе ги држат наставници од училиштата. За децата на претшколска возраст се емитуваат едукативни приказни и други содржини. Ова е неформален тип на образование, кој секако не може да го замени формалниот воспитно-образовен процес, но е добра алтернатива за исполнување на времето на децата додека седат дома со корисни и едукативни содржини – велат од МОН.
Во меѓувреме, Министерството за образование најави дека во соработка со Бирото за развој на образованието (БРО) и Центарот за стручно образование и обука, како и со Министерството за труд и социјална политика ќе подготват план за организирање на наставата до завршување на учебната година.
Ако учениците ги решаваат тестовите од дома, тогаш никој нема да може мене да ми гарантира дека одговорите не ги црпеле од интернет.
Професорот Душко Стојановски од скопската гимназија „Орце Николов“, пак, за Плусинфо вели дека може да се најдат алтернативни решенија за одржување настава за време на вонредниот распуст, но се плаши дека нема да бидат реални резултатите од таквиот начин на учење.
– Јас ќе бидам најсреќен кога ќе дојде време да влезам во училницата, да им поделам тестови на учениците и веднаш да излезам од просторијата. Но, кај нас не се важи знаењето, туку дипломата. Никого не го интересира знаењето, туку сите гледаат како полесно да дојдат до дипломата, па се служат со мамење и со препишување. Во вакви вонредни услови, јас можам да им предавам на учениците, но тоа не е исто затоа што секој предмет има своја тежина. Јас предавам македонски јазик и литература, а тоа значи дека треба да оценам како децата ја чувствуваат литературата и како ја користат во пракса. Не се тоа само обични лекции, туку треба да се види како уметноста допира до нив. Ние и сега може да имаме онлајн комуникација и да се консултираме за лекциите, но на крајот сепак ќе треба и да го провериме знаењето. Тука е најголемиот проблем, бидејќи може да се случи резултатите да не бидат реални. Ако учениците ги решаваат тестовите од дома, тогаш никој нема да може мене да ми гарантира дека одговорите не се црпени од интернет – вели Стојановски.
Весна Јаневска од Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ вели дека епидемијата со коронавирусот ескалира, но дека образованието мора да се реструктуира и да се прилагоди на новата состојба.
Препорачувам да се користат визуелни материјали, слики и кратки видеа, како и да се организираат видео-конференции и семинари.
– Учебната година во училиштата и факултетите практично е завршена, но учењето не трeба и не смее да заврши без оглед на состојбата во која се наоѓаме. Им препорачувам на Министерството за образование и на Бирото за развој на образованието да изготват стратегија за далечинско учење. Да одберат платформа или апликација, да посочат алатки кои ќе се користат за изготвување на наставни програми, што значи да го унифицираат начинот на наставата со цел да им олеснат на наставниците да ја извршуваат својата должност. Препорачувам да се користат визуелни материјали, слики и кратки видеа, како и да се организираат видео-конференции и семинари. Учениците да добиваат домашни задачи и да решаваат тестови – вели Јаневска.
За високото образование, додава таа, професорите треба да го направат достапен целиот материјал за студентите.
– Препорачувам проектни задачи, семинарски работи и меил комуникација. Предлагам меил задачи за учениците кои немаат можнoст за користење посовремени апликации, а исто така предлагам националните телевизии да одвојат време за едукативни програми во почетокот, а потоа и за снимени наставни програми, односно ТВ училници – порачува Јаневска.
Втора недела учениците од основните и од средните училишта, како и студентите се на принуден распуст. Со оглед на првичните проценки, кои денеска со резерва ги даде министерот за здравство Венко Филипче, уште најмалку еден месец од сега ќе трае оваа состојба на изолација, а со тоа и прекинот на наставата. Враќањето во клупите може да се совпадне со крајот на учебната година. Покрај одржувањето на наставата, што не може системски да се реши за кратко време, образовните институции ќе треба да бараат поединечни решенија за да ја исполнат програмата. Но, отворени се и многу други прашања за тоа како ќе се оценуваат учениците во учебна година од која ќе го изгубат речиси цело тромесечие.