УЧЕБНАТА ГОДИНА ИМА ОЦЕНКА ЧЕТВОРКА ОД ЈАНЕВСКА За вистински резултати е потребно време

Министерката за образование вели дека реформите се движат во добра насока, но дека за вистински резултати е потребно време. Според неа, проблемот со учебниците е надминат, а во училиштата почнуваат нови дигитални процеси.

54

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, оцени дека учебната година заслужува четворка. Според неа, годинава била подобра од претходните, но за подлабоки промени во образованието ќе биде потребно повеќе време.

– Годинава беше подобра од претходните, би ѝ дала четворка што е многу солидна оценка. Недостаток ни е времето. За промени и реформи во образованието треба време – рече Јаневска.






Таа нагласи дека веќе се сменети наставните програми за седмо и осмо одделение, а следната година ќе бидат воведени нови програми и за деветто одделение.

Јаневска тврди дека е решен и долгогодишниот проблем со учебниците.

– Во Македонија учебниците веќе нема да бидат предизвик, тоа е завршена работа – истакна министерката.

Според неа, дел од учебниците веќе се дистрибуирани во училиштата, а до почетокот на новата учебна година треба да бидат испорачани и останатите.

Министерката посочи дека е воведен нов електронски дневник, намалена е администрацијата за наставниците и се дигитализираат повеќе процеси.

Годинава, како што најави, за првпат ќе има и дигитални свидетелства.

Јаневска информираше и дека во образовниот систем се воведуваат содржини поврзани со вештачката интелигенција, како и проекти за здравје, екологија и превенција од насилство во училиштата.

Според неа, за подобри резултати кај учениците неопходни се мотивирани наставници. Потсети дека во изминатите две години платите во образованието биле зголемени за околу 20 проценти.

Поврзани содржини