ЃУБРЕТО ВО ЧАИР Е ИСЧИСТЕНО, НО НЕ И ФАКТУРИТЕ Градоначалникот Ганиу му должи 7 милиони денари на „Комуналец“
Од „Комунална хигиена“ велат дека градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, го обвинува претпријатието за наводно неизвршување на обврските, но дека тоа е обид да се пренасочи вината, иако токму Општина Чаир со години не ги подмирувала обврските за јавна хигиена.
Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ (ЈПКХС) остро реагира на изјавите на градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, кој, според ЈПКХС, се обидува да го префрли фокусот од клучниот проблем – долг од над 7 милиони денари кој неговата општина го има кон претпријатието.
„Општина Чаир има акумулирано неплатени обврски кон нашето претпријатие за услуги што редовно ги извршуваме, вклучително и чистење и одржување на јавната хигиена, во согласност со Оперативниот план донесен од Советот на Град Скопје. Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, со изјави во кои алудира на наводно неизвршување на обврските од страна на Јавното претпријатие Комунална хигиена Скопје, има за цел да го одвлече вниманието од вистинските проблеми кои сам ги создава.“, стои во реакцијата потпишана од директорот на ЈПКХС, Сабахудин Рустеми.
Според соопштението, долгот се однесува на неплатени фактури за услуги, обезбедени на општински објекти, основни училишта и градинки кои се под надлежност на Општина Чаир. Претпријатието нагласува дека долгот се акумулира уште од моментот кога Ганиу ја презел функцијата градоначалник.
И покрај тоа што „Комунална хигиена“ продолжува со работа, неисплатата од Чаир, според Рустеми, сериозно влијае на финансиската стабилност и на квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните.
„Посебно нагласуваме дека од сите општини во Градот Скопје, само Општина Чаир има ваков обем на долг кон нашето претпријатие“, предупредуваат од ЈПКХС и бараат од Ганиу и од неговата администрација конечно да преземат одговорност.
Претпријатието порачува дека ќе продолжи со професионално исполнување на своите обврски, но потенцира дека јавните услуги не може да бидат заложник на политички изјави и неплатени сметки.