ЃУБРЕТО ГО ГУШИ ЦЕНТАР, ОПШТИНАТА СО ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ Герасимовски бара да си го чистат сметот сами

„Сето ова што се случува со нехигиената е недозволиво ниту за центарци, ниту за сите жители на Градот Скопје. Подготвуваме неколку ригорозни мерки до Комуналното претпријатие, па дури и кривични пријави за нивната негрижа, за неудостојувањето на нормални услови за живот на граѓаните“, рече Герасимовски.

845

Жителите на Општина Центар и утрово се разбудија опкружени со смет, откако ЈП „Комунална хигиена“ повторно не излезе на терен. Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, во изјава за Телма истакна дека општината подготвува законски измени со кои би се презеле ингеренциите од Градот Скопје и претпријатието, со цел решавање на, како што рече, недозволивата состојба со нехигиената.

– Сето ова што се случува со нехигиената е недозволиво ниту за центарци, ниту за сите жители на Градот Скопје. Подготвуваме неколку ригорозни мерки до Комуналното претпријатие, па дури и кривични пријави за нивната негрижа, за неудостојувањето на нормални услови за живот на граѓаните – рече Герасимовски.






Тој додаде дека општината веќе има одржано неколку состаноци со правната служба, и дека се изготвуваат конкретни законски измени кои ќе бидат доставени до ресорните министерства.

– Побаравме и преземање на ингеренциите од Комуналното претпријатие. И ние, и останатите скопски општини, сами да си го собираме сметот. Ќе направиме сѐ ова да го стопираме – додаде градоначалникот.

Герасимовски потенцираше дека како жител, но и како татко, нема да дозволи Центар да биде затрупан во отпад.

– Комуналното претпријатие има одговорност и за поставување и за собирање на сметот од контејнери, но и сметот од сите булевари и зелени површини на територијата на општината и на градот. Џабе ние имаме најголем број на хигиеничари – дури 110, чијашто грижа за нашите улички е на високо ниво, но нечистењето на сметот ни прави дополнителен проблем. Срамота е во 21 век да зборуваме за хигиена, нечистење контејнери и ширење на зараза – порача тој.

Герасимовски истакна дека доколку не се подобри ситуацијата, ќе се бараат системски решенија што ќе обезбедат здрава животна средина, како што им доликува на граѓаните.

Поврзани содржини