УБИВАЛ АЛБАНЦИ ШТО ГИ СМЕТАЛ ЗА ПРЕДАВНИЦИ Припадник на ОВК осуден на 26 години затвор
Ова е прва пресуда на Специјалниот совет на Хашкиот суд за злосторства извршени од припадници на ОВК.
Судот за злосторства против човештвото во Хаг денеска го осуди Саљих Мустафа, припадник на паравоената формација ОВК на Косово, на 26 години затвор за злосторства извршени на Косово во 1999 година. Ова е прва пресуда на Специјалниот совет на Хашкиот суд за злосторства извршени од припадници на ОВК.
Според пресудата, Мустафа (50) е одговорен за тешки и сурови злосторства врз шестмина Албанци во притвор на ОВК во селото Злаш, недалеку од Приштина, во април 1999 година, пренесува српската агенција Бета. Тој е прогласен за виновен по три точки од обвинението – за самоволно лишување од слобода, тортура и убиство на притвореници во Злаш. Судот го ослободи од обвиненијата за сурово постапување со притворените.
Според пресудата, Мустафа и членовите на ОВК под негова команда, извршиле злосторства врз албански цивили кои неоправдано ги сметале за „шпиони“ и „соработници“ на српските власти или пак политички противници. Петмина затвореници беа ослободени во средината на април 1999 година, а еден од нив почина како последица на тепање и тортура.
Во својата пресуда, советот за сослушување истакна дека сведоците и жртвите за време на судењето сведочеле „во атмосфера на заплашување и малтретирање што сè уште владее во Косово“. Советот најави дека наскоро ќе издаде наредба за обештетување на настраданите, а за таа цел жртвите не треба да водат граѓанска постапка пред косовските судови.