Јубилеен концерт на Пламенка Трајковска „LADIES AND GENTLEMEN” вечер ќе се одржи на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан.
На концертот, Трајковска ќе се претстави со својот музички опус и на него ќе настапат и нејзините долгогодишни колешки како гудачки квинтет и „Трио Џентлмен“.
– На програмата се вкрстуваат авторски композиции во специфичниот израз на Пламенка Трајковска, романтични теми, македонски и теми од класичната музика. Атрактивноста на концертот произлегува од специјалните технички и мултимедијални елементи автентични за Пламенка Трајковска – соопштија од „Скопско лето“.
Пламенка Трајковска е еминентна виолинистка, членка на државната Филхармонија, како и на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“.
Автор е на албумот „Апасионато“, единствениот македонски музички албум со вкрстување на класичната и модерна музика, потоа на сингловите „Светулки„ – создадени во поп романтичен стил, а креатор е и на неофицијалниот музички албум „Црвената виолина“ со интерпретации на латино теми. За најмладите минатата година го издаде музичкиот албум „Карневал на животните“ од Камиј Сен Санс, адаптиран за виолина и пијано.