Тројца ловокрадци вчера беа фатени на дело, во неловен ден, без дозволи за лов, при криволов на фазани во ловиште „Трубарево“ со 7 отстрелани фазани, коишто ги ловеле од теренско возило во движење по нивите во ловиштето во Скопскиот регион.
Еден од ловокрадците возел, а другите пукале од едната и од другата страна на возилото. Инаку, ловокрадците, според сознанијата на концесионерот, на исти начин веќе подолго време го пустошеле ловиштето.
МВР информира дека концесионерот на ловиштето ги одзел двете пушки, возилото и незаконски застреланиот дивеч и случајот го пријавил во полиција.
Законот предвидува строги казни за вакви дела коишто се во Законот за ловство набележани во делот Прекршочни одредби од членот 77, па до член 84 на закон. Конкретниот престап опфаќа дека, покрај одземањето на средствата и предметите за лов и дивечот, парична казна по повеќе ставови од посочениот член, како и надокнада за застреланиот дивеч.