УБИЕНИОТ ИСЕНИ ВО „ШИША БАР“ ТРЕБАЛО ДА ОДГОВАРА ЗА УБИСТВО ВО ХОЛАНДИЈА Учествувал во пресметка со колумбиски дилери на кокаин

Поминал 10 месеци во притвор, по што со одземен пасош е пуштен од слобода да го чека судењето во Холандија, но тој избегал во Македонија, пишуваат холански весници.

971

Енес Исени, наречен Љаци, еден од двајцата убиени во локалот „Шиша бар“ во старата скопска чаршија, избегал од судење за убиство во Холандија. Како што објавија холандските медиуми, 28-годишникот бил осомничен дека пред две години бил вклучен во пукање и убиство на плажа во Берген ан Зи.

Исени со уште неколку други лица во февруари 2021 година на среде бел ден на влезот на плажата во Берген ан Зи се обидел да киднапира Колумбиец, како одмазда за наводна измама со лажен кокаин. Пресметката завршува со пукотници, Колумбиецот е погоден и подоцна умира. Криминална банда побегнала со оружјето и со неколку автомобили.






Неколку недели подоцна, првоосомничениот е уапсен во Холандија, а полицијата добива информации дека останатите се кријат во Шпанија, пишува NH Nieuws. Во март во Малага, Шпанија, Енес Исение е уапсен и екстрадиран во Холандија. Поминал 10 месеци во притвор, по што со одземен пасош е пуштен од слобода да го чека судењето во Холандија, но не смеел да ја напушта државата. Но, тој ги прекршил овие мерки и избегал во Македонија. Не е познато како без пасош влегол во Македонија.

Судењето за убиството на Колумбиецот почна завчера во Холандија.

Двојното убиство во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија се случи на 6 март, кога маскирани лица ги убија Исени и Јетон Кривањева, испукувајќи 40-50 куршуми. Шефот на Скопското обвинителство Гаврил Бубевски кажа дека станува збор за пресметка за позиции на нарко-пазарот.

Поврзани содржини