УБИЕНАТА АЛДИНА ВО МОСТАР БИЛА МЛАДА ЕКОНОМИСТКА Добивала закани од Анис, не ги пријавувала
Како што подоцна било потврдено, Алдина и порано добивала закани од поранешниот партнер, но не ги пријавувала.
Трагедијата што ја потресе Босна и Херцеговина има име. Убиената девојка во Мостар е 32-годишната Алдина Јахиќ од Калесија, млада економистка, истражувачка и поранешна студентка на Тузланскиот универзитет, пишуваа регионалните медиуми.
Алдина беше убиена од нејзиното поранешно момче, фудбалскиот судија Анис К. (33) во еден угостителски објект во Мостар. Настанот се случил вечерта на 16 ноември, во момент кога Алдина трчала да се спаси од прогонителот.
Според полицијата и локалните медиуми, осомничениот ја следел од автобуската станица, потоа го оставил автомобилот на околу 50 метри од ресторанот и влегол по неа. Девојката успеала да се засолни во тоалетот, каде што напаѓачот ја пронашол и пукал кон неа. Полицијата пристигнала за две минути, но веќе било доцна, јави „Вечерњи лист“.
Меѓутоа, како што подоцна било потврдено, Алдина и порано добивала закани од поранешниот партнер, но не ги пријавувала. Според изјавата на дежурната обвинителка на кантонот, Весна Прањиќ, Алдина веројатно верувала дека заканите ќе останат само зборови.
– Кога тргнала на фитнес, тој ја пресретнал, ја нападнал физички и ѝ впреил пиштол. Таа се обидела да избега до хотелот, но тој влегол и ја убил – изјави Прањиќ.
Осомничениот, кој бил фудбалски судија на Првата лига на Федерацијата БиХ, во последните месеци легално пријавил пиштол, наведувајќи дека му се закануваат поради судиската работа. По убиството, наводно се обидел да си го одземе животот, но оружјето закочило. Уапсен е веднаш на лице место.
Осомничениот Анис К. е син на познат фудбалер од клубот Вележ.
Меѓу бројните пораки на луѓето кои се простуваат од Алдина на социјалните мрежи е и економостот Адмир Чавалиќ кој пишува:
„Алдина можеше да организира настан за 1.000 луѓе, да напише десетици (стручни) трудови, да говори пред преполна сала, течно на англиски, да зборува за БиХ и да се шегува. Можеше сè, така ја гледав. Но, вечерва не успеа да побегне. Оди понатаму, драга филозофке (Алдина). Рахмет на босанската душа, искрено сочувство до семејството Јахиќ“.