УБАВ ДЕН ЗА УШТЕ ЕДЕН РОДЕНДЕН НА ПЛУСИНФО Победата на Македонија е најубавата честитка за нашиот 13-ти роденден

Историјата на Плусинфо во овие 13 години е историја на постојани борби, предизвици и нови проекти. Постојано учиме, се усовршуваме, се менуваме себеси. Среќни сме што ја имаме поддршката од нашите читатели. Горди сме што бизнис-заедницата ги препознава професионалноста и кредибилитетот на овој медиум. Без лажна скромност, го истакнуваме и фактот дека и во овој изборен циклус, повеќе политички субјекти од широкиот спектар на нашата политичка сцена, го препознаа Плусинфо не како „свој“, туку како респектиран и влијателен медиум преку кој ги испратија своите пораки до избирачите – коинциденција или не, сите тие остварија одлични резултати на изборите.

1,354

На денешен ден пред 13 години во интернет просторот се појави порталот Плусинфо. Тогаш сакавме и со изборот на датумот за почеток на нашиот проект – 9 мај, Денот на победата над фашизмот – симболично да ги прикажеме основите на уредувачката политика на нашиот медиум.

Во овие 13 години, се потрудивме да го демонстрираме нашето разбирање на слободарскиот журнализам. Секогаш бескомпромисно ја критикувавме власта за лошото владеење, безрезервно ги браневме највисоките домашни и меѓународни стандарди во остварувањето на човековите слободи и права, посветено ги промовиравме европските вредности и европската ориентација на земјата, искрено ги почитувавме меѓуетничкиот карактер, мултиконфесионалноста и мултикултурализмот како богатство и предност на оваа земја.






Во вакви славенички прилики секогаш скромно нагласуваме дека вложивме многу љубов во овој проект и голем труд нашиот портал да се етаблира како водечки бренд на пазарот на интернет медиуми во Македонија. Затоа сме горди на резултатите што ги постигнавме.

Плусинфо и натаму е во врвот на информативните интернет медиуми, со висока доверба и со висока читаност. Горди сме што и бизнис заедницата ги препознава влијанието и кредибилитетот на нашиот медиум и тоа е основата на која со нашите деловни партнери градиме традиционални односи на соработка, меѓусебна поддршка и високо ниво на општествена одговорност.

Горди сме и на фактот што и годинава се покажа дека и политичките субјекти, во еден широкиот спектар на нашата политичка сцена, го препознаваат Плусинфо не како „свој“, туку како респектиран и влијателен медиум преку кој ги испратија своите политички пораки и во овој изборен циклус. Партиите што избираа „свои“ медиуми за политичко рекламирање, но и за перење пари, не тропнаа на нашата врата. Да бидеме искрени, среќни сме и горди што Плусинфо не е нивниот „избор“, кој веројатно е дел од причината поради која тие партии на овие избори изгубија и премногу гласови и голем дел од својот политички легитимитет.

Во последната година, заедно со нашите колеги од водечките онлајн-медиуми во земјата, водевме битка за законска регулација на порталите, но и за препознавање и за признавање на фактот дека онлајн-медиумите веќе се доминантен сегмент во медиумската индустрија. Секаде во светот е така, а истражувањата покажаа дека Македонија не е исклучок од глобалниот тренд. Таа битка ќе продолжи, а резултатите ги очекуваме сега, по спектакуларната промена на власта што се случи на вчерашните претседателски и парламентарни избори.

Во последните три години Плусинфо ги обнови својот дизајн и платформата, ги збогати содржините со потсајтот Панорама, ги зајакна човечките ресурси и пред два месеца почна со сопствена видео-продукција. Стартот на поткастот на Плусинфо се совпадна со кампањата за овој изборен циклус и таа, всушност, ја определи содржината на првите десеттина видео-интервјуи што ги остваривме со сите водечки политички лидери и претседателски кандидати што ја прифатија поканата да бидат дел од нашиот проект за бесплатно претставување на учесниците во кампањата.

Во периодот пред нас, поткастот и видео-продукцијата на Плусинфо ќе се насочат доминантно кон други теми, но и кон нови лица. Како и секогаш, се трудиме да ги следиме трендовите на новите медиумски платформи. Ќе се потрудиме да го засилиме нашето присуство на социјалните мрежи и да подготвиме многу нови проекти.

Историјата на Плусинфо во овие 13 години е историја на постојани борби, предизвици и нови проекти. Постојано учиме, се усовршуваме, се менуваме себеси, со цел да одговориме на очекувањата на нашите верни читатели, но и да се приспособиме на потребите на новата читателска публика од помладите генерации.

На тој пат, порталот Плусинфо секогаш имал многу сојузници и верни пријатели. Имаме и критичари, чии добронамерни, а понекогаш и неодмерени критики, секогаш сериозно ги анализираме со внимание. Постои и една мала група луѓе, етаблирани во политичкиот и во јавниот живот, кои кон нашиот медиум се однесуваат непријателски, понекогаш обидувајќи се да наметнат и цензорски притисоци – нивното постоење за нас исто така е значајно, зашто ни дава мотив да пружиме отпор и секогаш да се потсетуваме зошто овој проект стартуваше токму на Денот на победата над фашизмот.

Нашите родендени се прилика во која им се заблагодаруваме на сите читатели коишто ги следат содржините на Плусинфо и им кажуваме дека нè радува вниманието што ни го посветуваат.

Ова го напишавме и лани на денешен ден, но ќе го повториме и сега – нè поттикнува љубопитство на нашите читатели и нивното разбирање на нашиот порив секогаш да се трага по вистината, дури и тогаш кога е непријатно таа да се слушне. Ни импонира поддршката за упорноста и доследноста со која објавуваме општествено релевантни мислења, не само такви што се „поклопуваат“ со генералната уредувачка линија на порталот, туку и ставови кои се разликуваат со неа, понекогаш дури и до степен на спротивставеност.

По кој знае кој пат, искрено и пријателски, упатуваме благодарност до сите наши колеги, сегашни и поранешни, кои неуморно и со свежи идеи придонесуваат Плусинфо да го одржи високото ниво на почитување на професионалните и етички стандарди на новинарската професија и да биде пример за објективно и непристрасно информирање и простор за јавна дебата за важни политички и општествени прашања.

Нашиот 13-ти роденден оваа година се совпадна со големата политичка промена што ја донесоа изборите и со одлуката на народот на оваа земја да ја одбрани Македонија од една мала група луѓе решени да предизвикаат политичка и безбедносна криза во земјата. Тоа е најубавата честитка за нашиот роденден.

Никогаш не сме ги мереле нашите „заслуги“ за промените во политиката и нашето влијание во политичкиот живот во целина – тоа им го оставаме на другите. Наше е и денеска јавно да обзнаниме дека порталот Плусинфо останува доследен на основите на својата уредувачка политика, посветен на слободарскиот журнализам и секогаш на страна на граѓаните на Македонија.

Редакцијата на Плусинфо

Поврзани содржини