УАПСЕНИ СЕ КРАДЦИТЕ КОИ ПРОВАЛИЈА ВО КУЌАТА НА БРЕД ПИТ Четирите малолетници се специјализирале за кражби во домови на познати личности

Според полицијата, уапсени се двајца 18-годишници, еден 17-годишник и еден 16-годишник, наводно, сите се членови на улична банда која стои зад серија кражби во домови на познати личности во Лос Анџелес. Полицијата ги повикува граѓаните - особено оние кои често се отсутни, да бидат внимателни со информациите што ги споделуваат на интернет.

158

Полицијата во Лос Анџелес соопшти дека се уапсени четири малолетници во врска со кражбата што се случила во домот на холивудскиот актер Бред Пит.
Според шефот на полицијата Џим Мекдонел, уапсени се двајца 18-годишници, еден 17-годишник и еден 16-годишник, наводно, сите се членови на улична банда која стои зад серија кражби во домови на познати личности.
Групата е осомничена дека е одговорна за серија кражби во луксузни резиденции во областа на Лос Анџелес, а меѓу нејзините цели биле познати актери и професионални спортисти.

За време на претресите на домовите на осомничените биле пронајдени некои од украдените предмети.






Иако полицијата официјално не ги потврдила имињата на сите познати личности кои биле жртви, познато е дека кражби оваа година пријавиле и Никол Кидман, Кит Урбан, фрлачот на ЛА Доџерс, Јошинобу Јамамото и поранешниот фудбалер Оливие Жиру, кој до неодамна играше за фудбалскиот клуб на ЛА.

Истрагата започнала кон крајот на јуни откако тројца маскирани крадци се искачиле преку оградата на имот во елитната населба Лос Фелиз и насилно влегле во куќа која, според достапните информации, му припаѓа на Бред Пит.

Иако полицијата официјално не го потврди идентитетот на сопственикот, адресата се совпаѓа со имотот што познатиот актер го купил во 2023 година. Пит не бил дома во времето на кражбата бидејќи го промовирал својот нов филм посветен на Формула 1.

Куќата се наоѓа во близина на паркот Грифит и познатиот знак Холивуд, и е скриена од густа вегетација и висока ограда. Куќата има три спални соби и нуди целосна приватност – што очигледно не било доволно за да ја заштити од софистицираните крадци.

Полициската истрага открила дека бандата ги планирала своите кражби со голема прецизност. Тие користеле скриени камери поставени во цветните леи или на блиските улици за да ги следат движењата на жителите, како и Wi-Fi блокирачи со чија помош ги оневозможувале безбедносните системи и камерите за надзор.

Шефот на полицијата Мекдонел предупредил дека познатите личности честопати несвесно им го олеснуваат патот на крадците објавувајќи ги своите локации и распореди на социјалните мрежи: „Многу луѓе не размислуваат за последиците од споделувањето на своите патувања и активности. Иако сакаме нашите пријатели да знаат каде сме, несвесно ги споделуваме тие информации со оние кои би можеле да ги злоупотребат“, рекол Мекдонел.

 

Поврзани содржини