УАПСЕН КИНЕСКИ ШПИОН КОЈ РАБОТЕЛ ЗА „ГУГЛ“ Крадел тајни иновации за вештачката интелигенција
Денешните обвиненија се најнова илустрација за тоа до каде се подготвени да одат кинеските компаниите за да ги украдат американските иновации - изјави директор на ФБИ.
Поранешен софтверски инженер во „Гугл“ е обвинет за кражба на трговски тајни со вештачка интелигенција од компанијата додека тајно работел со две компании со седиште во Кина, соопшти американското Министерството за правда.
Линвеи Динг(38), кинески државјанин, беше уапсен во Њуарк, Калифорнија, по четири точки од обвинението за кражба на федерални трговски тајни, секоја казнива до 10 години затвор.
Случајот против Динг беше објавен на конференцијата на Американската адвокатска асоцијација во Сан Франциско од страна на државниот обвинител Мерик Гарланд, кој заедно со другите водачи на органите на редот постојано предупредуваше за заканата од кинеската економска шпионажа и за загриженоста за националната безбедност предизвикана од напредокот во вештачката интелигенција и другите технологии во развој.
– Денешните обвиненија се најнова илустрација за тоа до каде се подготвени да одат кинеските компаниите за да ги украдат американските иновации. Кражбата на иновативна технологија и трговски тајни од американски компании може да чини работни места и да има катастрофални економски последици и последици врз националната безбедност – изјави Кристофер Вреј, директор на ФБИ.
„Гугл“ соопшти дека утврдил дека вработениот украл „многубројни документи“ и го пријавил случајот до органите на прогонот.
– Имаме строги заштитни мерки за да спречиме кражба на нашите доверливи комерцијални информации и трговски тајни. По истрагата, откривме дека овој вработен украл бројни документи и ние брзо го пријавивме случајот на органите на прогонот. Благодарни сме на ФБИ што помогна да се заштитат нашите информации и ќе продолжиме тесно да соработуваме со нив – рече портпаролот на „Гугл“ Хозе Кастанеда.
Вештачката интелигенција е главното бојно поле за конкурентите во областа на високата технологија, а прашањето кој доминира во оваа сфера може да има големи комерцијални и безбедносни импликации. Одговорните на Министерството за правда во последните недели алармираат за тоа како странските противници би можеле да ги искористат технологиите на вештачката интелигенција за негативно да влијаат на Соединетите американски држави.