УАПСЕН Е ЕЈУП РУСТЕМИ Ексдиректорот на „Државни патишта“ ќе одговара за тендер за обезбедување на патарините

Покрај Рустеми, уапсени се и Ејуп Љатифи, заменик директор за оддржување на патишта, Дрилон Зибери, раководител на Одделение за наплата на патарини и контрола и Џемал Билбиловски, сопственик на агенцијата за обезбедување „2СС“.

1,071

Претпладнево е уапсен Ејуп Рустеми, поранешен директор на Јавното претпријатие „Државни патишта“, објави Телма повикувајќи се на извори од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Апсењето, според изворите на Телма, е поврзано со тендерот за обезбедување на патарините.






Покрај Рустеми, уапсени се и Ејуп Љатифи, заменик директор за оддржување на патишта, Дрилон Зибери, раководител на Одделение за наплата на патарини и контрола и Џемал Билбиловски, сопственик на агенцијата за обезбедување „2СС“.

Оваа недела се очекува приведување на најмалку 15 други лица. Станува збор за поранешни и сегашни службеници и раководители во повеќе институции како Јавното претпријатие „Државни патишта“, „Македонија пат“, Пазарна инспекција, како и во секторот рударство.

Потврда за приведувањето пристигна и од Јавното обвинителство, во чие соопштение се вели дека поведена е постапка против 5 физички и против едно правно лице во врска со злоупотреби при јавна набавка за избор на фирма за физичко обезбедување на 14 наплатни станици на ЈП „Државни патишта“.

Против тогашниот управител на фирмата од Кичево и правното лице е поведена истрага за кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство од член 275-в од Кривичниот законик, додека за останатите четворица – тогашен директор на претпријатието, еден од потписниците на договорот и двајца надлежни за контрола на реализацијата, се води постапка за кривични дела кои опфаќаат злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување службени исправи.

Станува збор за договор за јавна набавка склучен на 08.08.2022 година со кој осомничениот управител на агенцијата за обезбедување се обврзал две години да врши континуирано физичко обезбедување  24/7  на сите 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта. Иако согласно потпишаниот договорот бил должен, не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена, а на договорниот орган фактурирал услуги како да било вршено 24/7 физичко обезбедување за целиот период на договорот сѐ до неговото раскинување.

„Тогашниот директор на јавното претпријатие бил должен да се грижи за законитоста во работата и примената на прописите, статутот и другите акти, како и да врши контрола дали извршувањето на договорот за јавна набавка е во согласност со условите, но не ја извршил таа должност и го пропуштил должниот надзор над носителот на јавната набавка иако знаел дека физичкото обезбедување се врши само делумно. Двајца осомничени раководители на одделение за наплата на патарини и контрола, исто така имале задолжение да го следат договорот и неговото исполнување, да вршат контрола во извршувањето, одобрување на работни налози за извршување на услугата, испратници, следење на квалитетот на извршените услуги и проверка на доспеаните фактури, како и да изготвуваат извештаи дали договор е целосно реализиран. Таквите контроли не ги вршеле во целост и иако знаеле дека обезбедувањето се извршува само делумно најчесто во прва смена, ги потпишувале  барањата за одобрение за плаќање“, наведено е во соопштението.

Вториот потписник, посочено е таму, на договорот бил запознаен со бараната спецификација, но и покрај тоа ги одобрувал барањата и одобренијата за плаќање, по што ги одобрувал и доспеаните фактури кои потоа биле реализирани во корист на Агенцијата за обезбедување.

„На овој начин другите осомничени на осомничениот носител на набавката му овозможиле да прибави противправна имотна корист во износ од 46.918.079 денари и со тоа нанеле  штета од големи размери на Јавното претпријатие за државни патишта. Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост“, се вели во соопштението.

Поврзани содржини