Актерот Кол Спраус, на кој некои се сеќаваат по улогата на синот на Рос, Бен, во култната серија „Пријатели“, е уапсен за време на протестот во Санта Моника во неделата, пишува „Базфид“.
27-годишниот актер бил дел од групата демонстранти, кои се собрале држејќи транспаренти со ликот на Џорџ Флојд и извикувале: „Не можам да дишам“.
Самиот Кол ги извести своите фанови за тоа на Инстаграм.
„Група мирни демонстранти, вклучувајќи ме и мене, беа уапсени. Пред медиумите да го претворат ова во сензационалистичка вест за мене, постои јасна потреба да проговорам за околностите: црните животи се важни. Тие ме уапсија додека покажував солидарност, како и многу други во Санта Моника Тие ни дадоа можност да заминеме и нè предупредија дека ќе бидеме уапсени доколку не го сториме тоа. Некои се обидоа да си заминат, но нѐ пресретнаа други полицајци кои нѐ спречија да заминеме и почнаа да ни ставаат лисици на рацете. Ова морам да го истакнам како хетеросексуален бел човек и јавна личност, последиците од апсењето за мене нема да бидат ништо во споредба со многумина кои учествуваат во движењето. Ова нема никаква врска со мене. Ова е и ќе биде време да ги поддржуваме другите кога ситуацијата ескалира, да им дадеме поддршка и да ја направиме вистинската работа. Ова е времето да размислиме што значи да се биде сојузник со некого. Се надевам дека и другите кои се во моја позиција ќе го направат истото“, напишал актерот во објавата.
Кол Спраус чекори во филмската индустрија од мали нозе, но во изминатите години крева голема прашина околу себе со улогата во хит серијата „Ривердејл“. Кол беше дел од седум епизоди од „Пријатели“, како синот на Рос, Бен.
ФОТО: Инстаграм/Фејсбук