Љуљај Ѓуро дете!

Сакам да им кажам и на тие кои што не знаат, дека во комунизмот, кога јас растев, не беше сѐ така црно како што се прикажува. Имаше вредности кои денеска се бесповратно исчезнати, а толку недостасуваат... тогаш, ние децата бевме вреднувани и третирани како најголемо богатство во општеството.

9,582

Диктаторски прилагодено беззаконие, присила, лажење, зад грб работeње, подметнување, заканување, омаловажување, игнорирање…., пропратено со засилено општо пљачкање на народните пари и рушење на државата Македонија, е нашето катадневие. Тоа ни го приредуваат група мафијаши кои пред наши очи државата ја претворија во нивна сопственост. Трошат државни пари како што не би трошеле од сопственото чекмеџе. За нив има. Не се проблем милијарди… За народот нема!

Немало пари ни за учебници – велат! Е, нема! Здравје, в година ќе ги има. Не брзајте! Зошто дупли трошоци? Годинава да се печатеа, в година ќе треба да се менуваат поради потребата нашите деца да ја изучуваат „заедничката историја“ – бугарската, како наша. Нели така нѐ потсети, за договореното, францускиот амбасадор во Софија, со нагласување дека тоа следи откако ќе мораме прво да ги сместиме Бугарите во нашиот Устав? Од дома, брзо го дополнија новите бугарски политички изданци, кои нагласија дека тоа устоличување мора да биде достојно на бројот на Бугарите и нивната улога во формирањето на оваа држава, а тоа е – конститутивен народ! И не само тоа – бараат и платен пратеник кој во Парламентот ќе ги застапува правата на Бугарите и, натопорени на телевизија како да се нова велесила, даваат до знаење дека и партија ќе формирале…! Од Софија не останаа покусо: Како да се наши старатели, сакале да учествуваат при изготвувањето на уставните измени, кои се однесуваат на нив и веќе договореното! И наш згоен мршојадец од власта, им се придружи, изјавувајќи дека по Велигденските празници ќе воскреснале Бугарите во нашиот Устав!






За многу што, власта молчи… и заинтересирана е само за сопствената опстојба. Сега, зафатена е, во тајност, со голема мафијашка „приватна“ бизнис зделка, со државни пари. Засилена, крајно безобразно настапува, окуражена што им се поклопуваат бизнис интересите со Калето, кое во случајот им е „ стратешки партнер“ … и заштитник!

Попатно, власта се труди на време, што побргу, да им го реализираат на Бугарите ветеното, од кое им зависи дали ќе останат на власт. Комплетирани се партиските паравани, уставно неписмени марионети на марионетите, „стручњаци“ кои ќе ги приготват уставните измени откако сами со себе ќе си ги продискутираат, и сами на себе ќе си го достават сработеното на увид.

Еј гидиии….! Невидено беснеење со „сега и веднаш“ за силување на уставните промени, со намамување на опозицијата да се приклучи на, без нив договорената, што би се рекло – онадената работа… и да го благослови раѓањето на детето!

Опозицијата – нејќе! Е, од тоа нејзино „нејќам“ , и деновиве слушаното заканување од креаторите на „нашиот европски пат“ на тема „шатката… па шатката..“ се присетив на еден дамна заборавен настан од моето детство, по многу што, сличен…

Пред да ви го раскажам, сакам да ви кажам дека намерата ми е – барем во празничниве денови да се одмориме од полемизирање на бескрајните гадости кои катадневно ги доживуваме од перверзните идиоти, кои, надрвени во власта, како незауздани коњи прават р’шум по државава.

Сакам да им кажам и на тие кои што не знаат, дека во комунизмот, кога јас растев, не беше сѐ така црно како што се прикажува. Имаше вредности кои денеска се бесповратно исчезнати, а толку недостасуваат… тогаш, ние децата бевме вреднувани и третирани како најголемо богатство во општеството. Иако растевме во сиромаштија, бевме среќни, многу поздрави и поотпорни од сегашните. Нѐ учеа да ја сакаме и чуваме татковината, и во неа да се чувствувавме слободни како птици. Да се дружиме, ангажирани во незаборавни пионерски и младински културни и работни акции, и извиднички дружби преку кои, со развиорено македонско знаме, во должина и ширина го запознавме „нашето“ Јадранско море.

Тогаш, немаше бездомници, незгрижени стари лица, напуштени и гладни деца, питачи… па дури ни сурија од кучиња скитници. Немаше кражби, иако куќите не ги заклучувавме ни дење ни ноќе. Немаше измами, дрогирање, силувања, убиства, киднапирања… педофилија, педерастија… со еден збор – имавме бескрајно среќно детство!

Живеев во Тетово, во најубавото маало, кое се протега од Два бреста и црквата Св. Кирил и Методиј, до Колтук и црквата Св. Никола, во убава староградска куќа, со двор во кој најубавото нешто беше црницата „Папајца“, на чија крошна, од пролет до есен „живеев“. Комшиите во чии дворови гледав од нашиот чардак, беа стари и почитувани, зафатени фамилии на Јајчаровци, Парличевци, Рудичевци… а од каршија, фурната на дедо Блаже, кој, кога ќе нѐ видеше како чопоративно го запоседнуваме ќепенокот и тезгата, загледани во месата од печените тави и миризливите разновидни пити, колачиња и гурабии, веднаш притрчуваше да нѐ мавне со стапот на кој му беше надената парталката со која го чистеше пепелот од фурната.

Во тој наш мал рај, растевме маалските деца со параманот леб стиснат во раката, намачкан со зејтин, сол, пипер и нане, босоноги и затрчани по калдрмата уште во првите Мајски денови, среќни што поминаа зимурливите и ветровити предпролетни денови. Играјќи, ги слушавме и бескрајните попладневни муабети на нашите мајки, поседнати на троношци пред некоја поширока стреа, како и приказните на баба Ќипра и дедо Пано, кои со сандалиите потпрени на авлијата, од рано утро, до стемнување, како одјасани ифтирџии се шегуваа со минувачите, кои често им застануваа на муабет. Со радост го чекавме Петровден, за да ги запоседнеме чикмаците и чатмите соградени со врбови гранки и белите мазни камења од чистата и пенлива Пена. Пладнувавме крај вировите на Централа, и над неа турбините на Брана, во кои од високо се суриваа Шарпланинските води, бучни како нашата врева. Се поевме со неповторлива убавина, во која уживавме се до последните Августовски топли денови.

Потоа, пак го запоседнувавме маалото и малите ширинки кои наменски беа оставани пред некои куќи, а нас ни служеа како зборни места.

Бевме сведоци на сѐ што се случува, во секоја куќа. Кои се луѓето кои влегуваат и излегуваат, како се викаат… Знаевме кои овошки кога им зреат во бавчите… кој се доселил или отселил, каде има свадба, слава, крштевка, мртовец… Бевме присутни на сите семејни веселби и кавги. И што е најважно, никој не нѐ бркаше, ниту од дворот, ниту од распосланата софра.

На педесет метра од мојата дома имаше чудесна мала ширинка и тоа пред влезните скали од куќата на браќата Ѓуро и Шкорче, на која многу често игравме. Не нѐ бркаа. Напротив – Ѓуро често ни се придружуваше седнат со сандалијата блиску нас и со ѓезвето кафе до него. Си пиеше од филџанот и одвреме навреме си потчукнуваше на дајрето без кое не излегуваше пред врата. Знаеше и да си запее, некогаш потивко, некогаш посилно. Секогаш, тоа беа песни од неговиот личен репертоар, во кои си кажуваше што му се случило, некогаш или сега.

Едно убаво мајско попладне, додека си игравме на ширинката, чувме галама од внатре куќата на браќата. Ѓуро силно викаше: – „Нејќем, нејќем…! Нејќем да ме викате сеа…, на веќе догоореното без мене… З’ш не ме викнавте когај се онадуевте, а? Сакате на родено дете да ви кумуем, ааа?.. .Сакате, вие да се онадуете, а ја да ви га љуљам… ааа“?Ние веднаш потрчавме да видиме што се случува. Во исто време пред куќата, со сандалијата во раце излезе Ѓуро и пред да седне го крена дајрето високо на десната рака, го растресе и вртејќи се околу себе како да танцува, на цел глас почна да пее:

„ – Е, еееее… еј! Таќе Ѓуро… таќеееее… еее! – Љуљај Ѓуро дете! Љуљај Ѓуро дете… а, ахааа, ииии… ихаааа! А, ааа! – Сега ме зовете, да ви љуљам детеее…, а? А, к’д се онадуевте… а? К’д се онадесте, мене не зовесте!“.

Што била работата?: – Шкорче, без да му каже на Ѓуро и без изим од него, дел од задкуќи дворот, го пазарил и продал на комшијата. По некое време комшијата посакал да си го огради местото, поради што, го викнале и Ѓуро… И, тогаш настанала викотницата, во која најсилно се слушаа зборовите : – Нејќеммм… нејќем!.. К’Д СЕ ОНАДЕСТЕ…, МЕНЕ НЕ ЗОВЕСТЕ!

Среќни Велигденски празници!

Поврзани содржини