Твоето право не е посилно од моето право на живот и на здравје!

Фејк е тезата дека строгите мерки за социјално дистанцирање и другите ограничувања се неприфатливо засегање на основните човекови слободи и права. Работата е многу едноставна – ако седењето дома и доброволната самоизолација (покрај онаа задолжителната) се мерки кои насекаде се препорачуваат како ефикасен начин за намалување на ширењето на заразата, има бре да се седи дома!

7,693

Деновиве во медиумите и на социјалните мрежи читам коментари во кои луѓе обвинуваат дека стравот од ширењето на коронавирусот придонесувал лесно да се откажуваме од нашите тешко стекнати граѓански права и дека е неопходно да се направи подобар „баланс меѓу јавното здравје и приватноста“.  Се оспоруваат и некои од мерките на ограничување на движење и собирање што ги утврди техничката влада во услови на прогласена вонредна состојба, а за полицискиот час се тврди дека не е неопходна мерка. Акцентот во тие ламентации се става на повредите на приватноста на луѓето, која навистина е едно од фундаменталните човекови права и слободи.

До тука, мислам дека некако и би можеле да се разбереме. Но, проблемот почнува во оној момент кога поддршката на строгите мерки за социјално дистанцирање, како ефикасен метод за ширење на заразата, се рубрицираат како „конзервативизам“ и поддршка за кршење на човекови права и државна репресија, додека оспорувањето на овие мерки се смета за доблест и „либерализам“.






Се разбира, не мислам ништо лошо за луѓето кои вака размислуваат, но ми пречи што некои тоа го прават од ложата на општествено привилегираните, од која тие секогаш покомотно и полесно уживаат во своите „фундаментални човекови права“, меѓу кои е и правото на приватност, додека оние другите, на кои истите такви права им се ускратуваат со години, безнадежно го чекаат гласот на поддршка од салонските либерали, кој никако да стаса.

Но, нема да развивам оваа теза, бидејќи не сакам ова да се претвори во дебата за моралот. Јас сакам да водам дебата за фактите. И тоа особено за фактите кои се однесуваат на човековите слободи и права. За фактот дека правото на приватност и некои други права со ограничувачките мерки навистина се повредени, ама и за фактот дека и правото на живот и на здравје се фундаментални човекови права.

Тргнувам од принципот дека твојата слобода и твоите права се универзални и природни (значи, стекнати со твоето раѓање), признаени се со меѓународни декларации и конвенции и со нашиот Устав и со законите на нашата земја. Тие со ништо не можат да се ограничат, освен со мојата слобода и со моите права. Поинаку кажано, ти не можеш и не смееш, во име на својата слобода и на своите права, да ги загрозуваш моите. Ти немаш право, во името на својата приватност, да го загрозиш моето здравје. Тоа е примарната равенка, а важи секако и во обратната насока.

Ако правото на приватност и правото на живот и на здравје дојдат во конфликт, ние, како цивилизирано општество, сме должни да им дадеме предност на повисоките вредности и цели. Во овој момент, кога светот се соочува со глобална пандемија и кога знаеме дека и многу помоќни здравствени системи од нашиот не можат да им обезбедат на луѓето заштита на нивното здравје и на нивните животи, ако вонредната состојба, полицискиот час и другите мерки на социјално изолирање значат извесна жртва во поглед на некои други наша права – а значат, тоа е јасно – јас мислам дека ние треба таа жртва да ја прифатиме.

Јужна Кореја не е Северна Кореја. Таму заразените не ги убиваат. Сепак, знаеме дека Јужна Кореја не е рај за човековите слободи и права, на начин како што ги разбираме ние, во западната политичка хемисфера. Но, таа земја е светски шампион во справувањето со пандемијата. Зошто? Затоа што нивниот здравствен систем агресивно се справува со кризата. Во таа 50-милионска земја се извршени најмногу тестирања (300.000), по глава на жител 40 пати повеќе отколку во САД, на пример.  Кога некој тест ќе се покаже позитивен, здравствените работници ги истражуваат неодамнешните движења на пациентот, за да пронајдат, да се тестираат и, доколку е потребно, да се изолира било кое лице што било во контакт со заразениот. Здравствените службеници ги следат движењата на пациентите користејќи дури и снимки од безбедносни камери, записи од кредитни картички, дури и податоци за GPS од нивните автомобили и мобилни телефони. Луѓето кои имаат наредба да бидат во самоизолација, мора да преземат мобилна апликација, која ги предупредува службените лица доколку пациентот излезе од изолација.

Накусо, Јужнокорејците широко прифатиле извесно губење на приватноста, како неопходен влог за поголема шанса да останат здрави и живи. Можете да замислите ваква слика кај нас, во Македонија? Не. Не сме ние ни способни, ни организирани, а ни и технолошки напредни да воведеме една ваква масивна контрола и самоконтрола. Но, би сакале ли вашите телефони да вибрираат и да ви испраќаат предупредувања секогаш кога се откриваат нови случаи во областа во која се наоѓате? Би сакале ли посебни веб-страници и апликации на вашите паметни телефони детално, час по час, понекогаш минута по минута, да ги покажуваат рутите по кои се движат заразените лица, со кои автобуси патуваат, кога се качиле а кога излегле надвор, дури и дали носеле маски? Јас би сакал, а мислам дека и вие би сакале. Така би се чувствувале многу побезбедно. Сакаме, ама нема – тоа го има во Јужна Кореја.

Се разбира, жестоко се противам на стигматизација на луѓето кои се заразени со овој вирус. Пред некој ден, на пример, во Плусинфо добивме информација од граѓанин за наводно прекршување на самоизолацијата на две конкретни лица кои живеат на конкретна адреса во Скопје. Прашањето го проследивме до МВР, но строго назначивме дека личните податоци на тие лица не се за објавување. Од друга страна, пак, лично сметам дека секој заразен има граѓанска и човечка должност да ја информира својата околина дека е носител на вирусот. Тоа е еден од начините да ги заштити другите од себе, додека трае болеста.

Да заклучам. Фејк е тезата дека строгите мерки за социјално дистанцирање и другите ограничувања се неприфатливо засегање на основните човекови слободи и права. Работата е многу едноставна – ако седењето дома и доброволната самоизолација (покрај онаа задолжителната) се мерки кои насекаде се препорачуваат како ефикасен начин за намалување на ширењето на заразата, има бре да се седи дома! Без собиранки и журки. Без тајно дремење по локали за привилегирани лица, кои не можат без своите алко-сеанси и без дружење. Ќе мине ова и секој потоа веројатно ќе може да им  се врати на старите навики. Но сега, секој мора да се однесува дисциплинирано, за да го заштити сопственото, моето и нашето здравје.

Ако тоа не може да се постигне со апели, а очигледно не може, ограничувањата мора да се заострат и да почнат да се изрекуваат и санкции. Да потсетам, во нашиот Кривичен законик, неоспорен во предкорона добата на сеопшт „либерализам“, јасно и гласно пишува дека „тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три година“. Го забележавте она „или на друг начин“, нели? И ова го пишува во законот: „Тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна“.

Имаме огромен проблем, луѓе мои. А имаме и прописи и наредби за сузбивање на епидемијата. За среќа, имаме и закон и власт што е обрзана да го спроведе. Имено за да го заштити нашето фундаментално право на живот и на здравје. Молам, нека се постапува според законот! Јас сум во ситуација да велам „молам“. А шефот на државата, шефот на владата, шефот на полицијата и пред сите шефот на здравствените власти, во услови на вонредна состојба, треба да велат – наредувам!

Онака либерално, нежно, ама доволно јасно за секоја будалетинка што решила да го жртвува нашето здавје заради своите блесави хирови.

Поврзани содржини