ТВ-серијата „Зоки Поки“ ќе почне да се емитува на 4 мај на МРТВ

700

Долгоочекуваната ТВ серија „Зоки Поки“ ќе почне да се емитување во понеделник, 4 мај 2020 година на Македонската радио телевизија. Десетте епизоди ќе се емитуваат секој понеделник и четврток во 20:15 часот на првата програма, со репризи наредниот ден и во сабота и недела. По емитувањето на МРТ, наредниот ден, епизодите ќе се поставуваат и на веб-страницата ZokiPoki.mk и на официјалниот YouTube канал.

Пред официјалниот почеток на емитувањето, екипата на „Зоки Поки“ споделува симпатично видео за запознавање со децата-актери кои ги толкуваат главните улоги. Во видеото, Матеј Настевски, кој ја толкува улогата на Зоки Поки, Анастасија Аневска, која ја игра Лидија, Матео Матоски, односно Боки и Матеј Зимбаков, кој го глуми Гоки, зборуваат за искуството со снимањето на серијата, кое го опишуваат како „фантастично“ и „возбудливо“.






Исто така, откриваат дали планираат да продолжат да се занимаваат со глума, зборуваат за најсмешните и најтажните моменти на сет и споделуваат детали како кој најмногу ја сака Лидија, која им била омилената локација за снимање и која им е омилената приказна од книгата.

Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, која ќе ја видиме во улогата на неговата баба.

Модерната екранизација на култната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

Главен спонзор на серијата е „Витаминка“, а останати спонзори се вода „Ладна“, „Пакомак“, „Арс Ламина“, Литература.мк, „Либи“ и „Сетек“.

Режисери на серијата се Александар Поповски и Марија Апчевска, а режисери на епизоди се и Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата ги пишуваа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска, директор на фотографија е Кристијан Војдановски, сценограф Иван Бартлинг, шминка Жанета Димитриевска, дизајн на тон Ристо Алчинов, монтажери Атанас Георгиев, Благоја Неделковски, Софија Самоиловска и Драган Алексов, додека за костимите се погрижи Жаклина Крстевска. Музиката ја компонираше Александар Пејовски, песните Александар Митевски, а музиката за најавната шпица Игор Василев-Новоградска.

Десетте епизоди од првата сезона обработуваат внимателно одбрани теми и приказни од книгата со која имаат израснато многу генерации.

– Денешниот Зоки Поки е соодветен на времето во кое живееме по форма и естетика, но вредностите и пораките од книгата проткаени низ неговите авантури ќе останат чисти и недопрени, со надеж дека ќе успеат да го пронајдат патот до срцата и на генерациите што доаѓаат – вели Насков.

Поврзани содржини