ТУТУНОТ СЕ ОТКУПУВА ПО РЕКОРДНА ЦЕНА До 500 денари по килограм, производителите и откупувачите се задоволни

Тутунот годинава се откупува по највисока цена досега, вели премиерот Христијан Мицкоски. Со субвенциите, тутунарите добиваат околу 500 денари по килограм.

1,028

Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека годинава тутунот се откупува по највисока цена досега и дека од процесот се задоволни и тутунопроизводителите и откупувачите.

Според неговите зборови, во моментов се откупени меѓу 23 и 24 милиони килограми тутун, а просечната откупна цена изнесува околу 420 денари за килограм, што е приближно седум евра и претставува рекорд во однос на претходните години.






– Гледате, нема протести, нема блокади, нема незадоволство. Напротив, задоволни се и тутунопроизводителите и откупувачите. Кога на ова ќе се додаде и субвенцијата, тогаш цената достигнува околу 500 денари по килограм тутун – изјави Мицкоски.

Тој истакна дека при ваква цена, вкупната вредност на откупениот тутун достигнува околу 12 милијарди денари, односно приближно 200 милиони евра, средства кои, како што рече, директно ќе завршат кај тутунопроизводителите.

Премиерот потсети дека во минатото се откупувале значително помали количини – 15 до 16 милиони килограми, по цена од 120 до 130 денари по килограм, додека денес се откупуваат поголеми количини по повеќекратно повисока цена.

– Ова е исклучително квалитетен род и би рекол исклучително квалитетен бизнис. Навистина се прави добра работа – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на нова градинка во Сопиште.

Поврзани содржини