ТУРСКАТА ЗАЕДНИЦА НЕ ГО ПРИЗНАВА ПОПИСОТ? Нашите барања беа занемарени и игнорирани
Доколку беа земени предвид нашите барања и забелешки согласно Уставот и законите, првично од Државниот завод за статистика, ќе беа решени повеќе од горенаведените проблеми и пропусти. За жал овој Попис ќе се памети како занемарен од надлежните институции со многу неодговорени прашања и игнорирање на нашите барања, велат од Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во земјава.
Направени се сериозни пропусти во процесот на попишување, прекршени се Уставот и бројни прописи, а многу граѓани не се попишани, истакнаа од Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Македонија, кое не ги признава и не ги прифаќа објавените бројки и проценти за Турците во пописот, оценувајќи ги истите како нереални, пишува ОхридЊуз.
Посочуваат дека пред пописот укажале на несоодветната методологијата и недостатоци во процесот, како и на технички проблеми со софтверот и неинформираност на населението, но и на недостаток на попишувачи Турци, за што биле информирани надлежните институции во земјава и странство инволвирани во пописот.
„Нашите барања беа занемарени и игнорирани. Ваквиот пристап на надлежните институции го засенија целокупниот пописен процес. Доколку беа земени предвид нашите барања и забелешки согласно Уставот и законите, првично од Државниот завод за статистика, ќе беа решени повеќе од горенаведените проблеми и пропусти. За жал овој Попис ќе се памети како занемарен од надлежните институции со многу неодговорени прашања и игнорирање на нашите барања. Од горенаведеното може да се заклучи дека се повредени правата на турскиот народ кој е еден од државотворните народи на РСМ и еднаков со другите“, велат од Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во земјава.
Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Македонија, кое е составено од претставници на турски невладини организации, политички субјекти од турската заедница, истакнати турски интелектуалци, универзитетски професори и други влијателни личности од турската заедница во земјава, најави дека ќе ги искористи сите законски инструменти и демократски права во врска со штотуку завршениот Попис кој оваа заедница го оспорува.