ТУРСКАТА ОПОЗИЦИЈА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ДОЛГА НОЌ Ердоган ја повика да не избрзува со заклучоците за резултатите

„Секоја прерана проценка ќе значи ограбување на волјата на нацијата“, напиша Ердоган на Твитер, одговарајќи на забелешките од опозицијата дека водат според првичните резултати.

2,050

Се вжештува атмосферата во Турција во текот на пребројувањето на гласовите за претседателските избори. Агенциите зависно од тоа која страна поддржуваат презентираат различни резултати. Во меѓувреме и претседателските кандидати се јавија со пораки на Твитер.

Агенцијата Анадолија објави резултати од обработени 82,54% од гласовите. Според нив, актуелниот турски претседател Реџеп Тајип Ердоган освои 50,30%, опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу освои 43,91, а Синан Оган 5,31% од гласовите. За Мухарем Инџе, кој во четвртокот се откажа од изборната трка, гласале 0,48% од избирачите.






Според приватната новинска агенција Анка, преброени се 53,1 отсто од гласовите при што Киличдароглу освоил 67,25, Ердоган 31,02, Оган 1,47 и Инџе 0,26 проценти од гласовите.

Кандидатот за претседател на турската опозиција Кемал Киличдароглу бара од поддржувачите да се подготват за долга ноќ, а луѓето кои работат на изборите да останат на своите позиции.

„Вечерва нема да спиеме луѓе мои“, напиша тој на Твитер, повикувајќи ги задолжените за гласачките кутии да останат на своите места.

Тој ја предупреди изборната комисија дека „мора да обезбеди внесување податоци од провинциите“.

Актуелниот турскиот претседател и кандидат на овие избори  Реџеп Тајип Ердоган ја повика опозицијата да избегнува да извлекува „избрзани“ заклучоци додека е во тек она што тој уверува дека е „демократско“ пребројување на гласовите.

„Секоја прерана проценка ќе значи ограбување на волјата на нацијата“, напиша тој на Твитер, одговарајќи на забелешките од опозицијата дека водат според првичните резултати.

Тој им се заблагодари на своите поддржувачи и побара од луѓето ангажирани околу гласачките кутии да не ги напуштаат местата додека не се добие дефинитивен резултат.

„Им честитам на сите мои граѓани кои гласаа во име на демократијата и учествуваа во изборите и изразувам благодарност до секој од нив“, напиша Ердоган.

Поврзани содржини