„ТУРКИШ ЕРЛАЈНС“ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД „ЕР АЛБАНИЈА“ Компанијата ги продава акциите во албанската авиокомпанија
Продажбата на акциите на „Туркиш ерлајнс“ во „Ер Албанија“ доаѓа во момент кога „Туркиш ерлајнс“ ги преиспитува своите меѓународни инвестиции и стратегијата за проширување.
Турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) соопшти дека одлучила да го продаде целиот свој удел од 49% од акциите во „Ер Албанија“ (Air Albania), јавија албанскиот информативен портал „Шчиптариа“ и англиското издание на турскиот портал „Хаберлер“.
Турскиот авиопревозник ја информираше јавноста за одлуката на одборот на директори во соопштение за медиумите, додавајќи дека ќе им даде дополнителни информации на инвеститорите во врска со продажбата на акциите.
„Ер Албанија“ е национален превозник на Албанија. Компанијата е основана во ноември 2017 година со помош на „Туркиш ерлајнс“ и беше официјално отворена во септември 2018 година.
„Туркиш ерлајнс“ склучи стратешко партнерство со „Ер Албанија“ уште од нејзиното основање заедно со компанијата „Ем Ди Ен Инвестмент“ (MDN Investment) и Албанската државна компанија за аеронаутички услуги „Албконтрол“ (Albcontrol), потсетува „Шчиптариа“.
Продажбата на акциите на „Туркиш ерлајнс“ во „Ер Албанија“ доаѓа во момент кога „Туркиш ерлајнс“ ги преиспитува своите меѓународни инвестиции и стратегијата за проширување.