ТУРИСТИТЕ СИ ВРВАТ СО ДИВИ ВОДИЧИ, НА ИНСПЕКТОРИТЕ ИМ СЕ ВРЗАНИ РАЦЕТЕ Знаат дека е забрането, ама ги знаат и дупките во законот

Најголем број од странските туристички тури од Турција и од некои земји од регионот се шетаат по македонските локалитети со сопствен водич иако знаат дека тоа кај нас е забрането.

820

Туристичките водичи и годинава имаат проблем со нелојална конкуренција од странски нелиценцирани водичи кои ја прикажуваат историјата на земјава според нивно гледање пред очите на инспекциите, обвинуваат од Здружението на туристички водичи и придружници.

Според нив, најголем број од странските туристички тури од Турција и од некои земји од регионот се шетаат по македонските локалитети со сопствен водич иако знаат дека тоа кај нас е забрането. Со овие туристички тури имаат проблем и туристичките агенции бидејќи дел од турите кои имаат водичи на диво не ангажираат домашна туристичка агенција, што е исто така законски недозволено.






– Европските земји не дозволуваат вакво нешто да им се случува на нивните тури, но турите од регионот најчесто се со сопствен водич и ги користат празнините во нашиот Закон за туристичка дејност кој не дозволува туристичките инспектори да казнуваат на самото место. Секој ден можат да се видат вакви тури како шетаат низ Скопје и низ другите туристички центри – вели претседателот на Здружението на туристички водичи Бранко Босилков.

Тој подвлекува дека веќе една деценија се бараат измени на Законот за туристичка дејност со кои би се застанало на патот на оваа појава.

– Туристичка инспекција постои и таа работи но без ефект, бидејќи кога инспекторот ќе открие странски водич или друга незаконска појава, не може да преземе никаква активност, туку треба да повика пазарна инспекција која поради презафатеност не може да испрати инспектор да напише казна во моментот. Така странските водичи не се казнуваат и продолжуваат со практиката. Веќе една деценија се работи на закон кој треба да овозможи и туристичките инспектори да казнуваат, но од него нема ништо. Како здружение бараме туристичките инспектори да добијат целосна надлежност во областа за да може да се справи со ваквите и со други незаконски појави кои се актуелни во туризмот – вели Босилков.

Оваа појава, која се толерира со години, влијае на работата и на приходите на домашните туристички водичи.

– Секако нашата работа се намалува, а со тоа и приходите, но многу позагрижувачки е тоа што странските водичи ја раскажуваат македонската историја како што сакаат – вели тој.

Тој е задоволен што последните години бројот на лиценцирани водичи се зголемува, а се зголемува и бројот на јазици на кои говорат тие.

– Располагаме со бројка од 1.200 лиценцирани туристички водичи, но бројката може и да не е точна бидејќи дел од лиценцираните водичи се пензионираат, а новите кои ги примаат туристичките агенции сè уште не почнале да работат бидејќи им треба практика. Така што вистинската бројка на водичи на терен е помала од овој број – вели Босилков.

Работата на туристичките водичи започнува во март и се одвива во претсезоната. Се намалува во главната туристичка сезона кога туристите доаѓаат за одмор, но продолжува на крајот на август и трае некаде до крајот на ноември.

Поврзани содржини