Туристичко-угостителска комора: Дали угостителските објекти повеќе шират зараза од партиските прослави со блех музика и автобускиот транспорт?
Од Комората велат дека саканиот ефект, сузбивање на епидемијата, нема да се постигне и доколку угостителските објекти работат ограничено додека другите сектори функционираат редовно.
Новите рестриктивни мерки кои ги усвои Владата денеска се селективни и непрецизни и не се знае на кои угоститлски објекти се однесуваат поради што се доведува во прашање ефектот кој се планира да го постигнат, реагира Туристичко-угостителската комора на Македонија при Сојузот на стопански комори.
Од Комората велат дека ефекти од последните мерки ќе бидат само драматично влошување на состојбата на угостителскиот сектор.
– Повеќе пати досега беше изнесено барање Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство да презентираат епидемиолошки анализи кои ќе покажат дека угостителството е поголема причина за ширење на заразата, отколку некои други сектори како меѓуградски и градски транспорт, работа на шалтери, работа во големи работни колективи, партиски активности. Досега не се презентирани такви податоци, поради што мора да заклучиме дека угостителството е избрано за рестрикции како пример за пред јавноста, поради немањето желба или можност власта да се справи со други жаришта. Највидлив пример за несоодветното однесување на надлежните институции е нереагирањето на прославите кои беа организирани во партиски штабови надвор од сите протоколи, без дистанца и со блех музика – велат од Комората.
Според комората, мерките се непрецизни, бидејќи не е јасно на кои угостителски објекти се однесува.
– Да потсетиме дека кога претходно имаше рестрикции Државниот пазарен инспекторат толкуваше дека тие ги вклучуваат и хотелите. Исто така саканиот ефект, сузбивање на епидемијата, нема да се постигне и доколку угостителските објекти работат ограничено додека другите сектори функционираат редовно. Во такви улови луѓето само ќе се префрлат од угостителските во другите објекти кои работат. Исто така нејасно е и каков ефект ќе даде ограничување на работењето на угостителските објекти во земјава, ако не се забрани патување во странство. Неопходно е воведувањето на дополнителни рестриктивни мерки да биде паралелно проследено со обезбедување на соодветни економски мерки за поддршка на секторот – додаваат од Туристичко-угостителската комора.