„ТУРИСТИЧКИ МАНДАТ НА КОЦЕВСКИ, РУТИНСКИ, ЕДВАЈ ЗА ТРОЈКА“ Туфегџиќ точно знае каков државен јавен обвинител ѝ треба на Македонија

Избран преку ноќ, на најнетранспарентен начин, без јавна расправа, без јасна биографија, без капитални предмети зад себе. Предложен како врвен професионалец од политичарите, а без да слушнеме еден збор од него за мешањето на политиката во неговиот избор, напиша адвокатот Владимир Туфегџиќ.

982

Адвокатот и поранешен кривичен судија Владимир Туфегџиќ остро го коментираше заминувањето на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, нарекувајќи го „анемично, бледо и без енергија – токму како и неговото доаѓање на функцијата“.

„Избран преку ноќ, на најнетранспарентен начин, без јавна расправа, без јасна биографија, без капитални предмети зад себе. Предложен како врвен професионалец од политичарите, а без да слушнеме еден збор од него за мешањето на политиката во неговиот избор“, напиша Туфегџиќ.






Тој потсети дека јавноста дознала многу малку за кариерата на Коцевски – освен дека на 32 години го завршил правниот факултет и го положил правосудниот испит.

„Тоа не е доволно за да се гради врвна кариера“, вели тој.

Мандатот, според Туфегџиќ, бил „туристички, рутински, едвај за тројка“. Обвинува дека Коцевски не се одважил, дури ни на крајот, да прозбори јавно – „ниту кој му правел сопки, ниту кој му мешал во работа, ниту кој го спречувал да гони криминалци“.

„Наместо тоа, повторно истата матрица – неосновано било, политички притисок, успешни резултати… уште фали само уставна тужба и жалба пред Управен суд за да биде клише до крај“.

Во својата објава, Туфегџиќ заклучува: „Време е државата конечно да добие јавен обвинител кој кога ќе се појави на ТВ – слика на телевизорот да ти замрзне“.

СОБРАНИЕТО ЈА ИЗГЛАСА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА ЗА ОБВИНИТЕЛОТ КОЦЕВСКИ Немаше против, ниту воздржани пратеници

Поврзани содржини