🎥 ТУРИСТИ И МЕШТАНИ ИЗГОРЕА ВО НОЌЕН КЛУБ ВО ИНДИЈА Еве како почна катастрофата

Според полициските информации, се верува дека меѓу загинатите се 14 членови на персоналот на клубот. Националностите на повредените туристи сè уште не се официјално потврдени.

651

Најмалку 25 лица, меѓу кои и четворица странски туристи, загинаа во катастрофален пожар што ноќеска зафати ноќен клуб во Гоа, популарен туристички регион на западниот брег на Индија. Уште седум лица се повредени, од кои едно е во критична состојба.

Трагедијата се случи во селото Арпора, а се сомнева дека причината е експлозија на плинска боца.






Според полициските информации, се верува дека меѓу загинатите се 14 членови на персоналот на клубот. Националностите на повредените туристи сè уште не се официјално потврдени. Повредените се однесени на Медицинскиот факултет и болницата во Гоа, а едно лице претрпе изгореници на 60% од телото. Некои од жртвите подлегнаа на тешки изгореници, додека други се задушија од чадот.

– Денес е многу болен ден за сите нас во Гоа – рече главниот министер на државата, Прамод Савант.

Савант нареди истрага за „да се испита точната причина за пожарот и дали се почитувани нормите за противпожарна безбедност и градежните прописи“.

Првичните извештаи сугерираат дека објектот ги немал сите потребни дозволи и дека ги прекршил прописите за противпожарна заштита.

Ова го потврди директорот на противпожарните и итни служби, Нитин Рајкер.

– Противпожарните служби веднаш се упатија на местото на настанот. Го изгаснавме пожарот за половина час. Клубот не ги почитуваше прописите за противпожарна заштита – рече тој.

Министерот за здравство на Гоа, Вишваџит Ране, потврди дека повредените добиваат „најдобра можна медицинска нега“ и дека тимовите работат во текот на целата ноќ.

– Во овој момент на длабока тага, цврсто стоиме со погодените семејства – додаде Ране.

Индискиот премиер Нарендра Моди вети дека неговата канцеларија ќе понуди отштета од до 200.000 рупии (околу 2.200 долари) за семејствата на загинатите и 50.000 рупии (околу 556 долари) за повредените.

-Моите мисли се со сите што ги загубиле најблиските. Нека повредените закрепнат што е можно поскоро – рече тој.

Гоа, позната по своите плажи и португалско наследство, привлекува стотици илјади странски туристи секоја година.

Поврзани содржини