📽️ „ТУРЦИТЕ НАДВОР“ ОДЕКНУВА ВО ПОДГОРИЦА Малолетници се подготвувале за напад со факели и фантомки, полицијата приведе 11 лица
Протестите во Подгорица добија етничка димензија по нападот во Забјело, полицијата спречи поголеми инциденти, а Владата реагираше со укинување на безвизниот режим за Турција.
Во центарот на Подгорица вечерва се одржа протест пред зградата на Владата на Црна Гора, поради насилството што се случи пред неколку дена во населбата Забјело, каде што тројца државјани на Турција и Азербејџан физички нападнаа локален жител. Настанот предизвика бурни реакции и антивладини демонстрации, при што граѓаните скандираа „Турците надвор“.
Според информациите од Полициската управа, приведени се 11 лица, од кои девет се малолетници, кои имале намера да пристигнат на протестот со фантомки, факели и марихуана.
„Лицата се приведени навремено, со цел да се спречат инциденти и нарушување на јавниот ред и мир“, соопштија од полицијата.
Пред Владата вечерва има силно полициско обезбедување, а околу зградата се поставени метални огради. Присутно е и возило на Противпожарната служба како превентивна мерка.
Демонстрантите носеле транспаренти со натписи како „Турците надвор“ и „Тие купуваат, доаѓаат со привилегии, а за седум убоди лесно?“, алудирајќи на квалификацијата на делото во последниот инцидент во кој едно лице беше избодено седум пати.
Поради серијата инциденти, Владата на Црна Гора донесе одлука привремено да го укине безвизниот режим за граѓаните на Република Турција, со цел да се спречи понатамошна ескалација на тензиите.