„ТУКА НЕМА УБИСТВО, АНЏЕЛО САКАЛ ДА ПОМОГНЕ“ Одбраната побара ослободителна пресуда во случајот со ракометарот Тот
Како што произлегува од доказите, обвинетиот Анџело дејствувал противправно само десетина секунди, само откако излегол од таксито, изјави адвокатот Иле Танев.
Доказите на Обвинителството се во прилог на одбраната, изјави адвокатот Иле Танев, бранител на обвинетиот Анџело Ѓоргиевски, во денешните завршни зборови за случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Според него, во овој случај не постои кривично дело „убиство”.
– Дилемата која се наметнува во Судот и во јавноста, а е поврзана со кривичното дело кое се става на товар, е само правна, а не и фактичка состојба, бидејќи од доказите произлегува сосема друга фактичка состојба, која не дава можност на обвинетиот Анџело да му се суди за делото што му се става на товар – рече Танев.
Тој посочи дека сите дејствија на Ѓоргиевски биле во насока на помагање, односно, како што рече „да му се помогне на оштетениот, а не да се повреди или убие”.
– Како што произлегува од доказите, обвинетиот Анџело дејствувал противправно само десетина секунди, само откако излегол од таксито – рече Танев.
Претходно, обвинителката Тања Трајчевска побара осудителна пресуда за обвинетите, бидејќи, според неа, од доказната постапка произлегло дека обвинетите го сториле кривичното дело на начин, време и место како што е опишано во обвинителниот акт и побара од Судот да пресуди по однос на нив, имајќи ги предвид сите олеснителни и отежителни околности.
Обвинителството ги гони Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство” од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска. Судењето продолжи со завршни зборови на одбраната на обвинетата Клементина Левковска.
– Барам од судот да ме казни за она што реално сум го направил, а тоа, според мене, мислам дека и според многу други, секако не е убиство со умисла – изјави обвинетиот Анџело Ѓоргиевски, во своите завршни зборови за случајот со убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот.
Обвинетиот Ѓoргиевски рече дека во ниеден момент не сакал да го повреди, или како било да му наштети на сега починатиот Денис Тот.
– Воедно, сакам да кажам дека изразувам искрено жалење и жалам за овој немил настан и за сето тоа што се случи, жалам и за загубениот човечки живот. Сакам уште еднаш да потенцирам дека мојата реакција беше во состојба на афект и од страв. Ниту сакав, ниту би го повредил сега починатиот Денис Тот – рече тој.
Обвинетата Клементина изјави дека останува во целост со завршните зборови на нејзините адвокати и рече дека ѝ е жал за случајот, за кој, како што рече, „во никој случај не сакав да се случи тоа”.
– Многу ми е жал и многу ми е криво за немилиот настан што се случи – рече обвинетиот Андреј Костовски кој како олеснителна околност го посочи фактот што самиот се пријавил во полициската станица за расветлување на случајот.
Ослободителна пресуда денеска побараа и бранителите на обвинетите, додека, јавната обвинителка Тања Трајчевска побара осудителна пресуда.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ. Пресудата ќе биде објавена на 30 ноември.
„НЕ ПОСТОИ УМИСЛА ЗА УБИСТВО“ И за третиот осомничен во случајот со Тот одбраната побара слобода