ТУФ, ТУФ, ТАРТУФИ Од прва рака за првата одгледувачница на Лагото Ромањоло во Македонија
Нашата соговорничка Валентина Митрова е производител на деликатеси од тартуфи, а заедно со сопругот и сопственичка на единствената сертифицирана одгледувачница на кучиња-трагачи по тартуфи. Тартуфите ги користи наместо „вегета“, како зачин за сѐ.
Тартуфите се најценетите и најскапи печурки на светот и за нив и за нивните лековити својства луѓето знаат одамна и општо е познато дека овој скапоцен деликатес претставува природен лек за виталност на целиот организам. Овие плодови со силен, специфичен мирис, во црна или бела боја, навидум се неугледни и потсетуваат на компир, а под земјата живеат во симбиоза со коренот на некоја билка или стебло и од тоа зависи нивниот мирис. Благодарение на специфичната арома тартуфот е гастрономски специјалитет што се додава во јадењето во изрендана форма или на тенко сечкани листови, односно, едвај во грамови. Заради високата цена токму така и се продаваат најчесто, мерени на грамови или спакувани во различни деликатеси со тартуфи. Јадењето е специјалитет и само кога е тартуфот присутен во него, во најминимално количество.
Додека до скоро тие беа работа на престиж и само ретките имаа привилегија да уживаат во нивниот единствен мирис и вкус, сега стануваат подостапни за сите, па за да ги пробате не мора да влегувате во некој скап ресторан кадешто ќе ви биде страв и да ги мириснете, туку можете да си купите 10-15 грама и да си ги изрендате врз шпагети или барем да купите некој од производите во кој доминира мирисот на тартуфите.
Едни од најзаслужените за ова се нашата соговорничка Валентина Митрова и нејзиниот сопруг Тони. Или поточно, Тони е „виновен“ за тоа што тартуфите влегле во нивниот дом, а Валентина за сите оние комбинации кои ги прави со нив и ги пакува во вистински деликатеси: сол со тартуфи, масло со тартуфи, намази со тартуфи, па дури и слатко од лути пиперчиња и тартуфи. Валентина го користи тартуфот наместо „вегета“, односно, како зачин за сѐ, па дури пие и чај од сув тартуф. Да, таа ги суши тартуфите за да се осигура дека ако во текот на годината има недостаток од тартуфи, тие сепак ќе имаат барем суви. Работата е во тоа што кога ќе ги пробате еднаш, потоа аромата на тартуфите постојано ќе ви недостасува.
Токму тоа им се случило и на Митрови, чиј дом е исполнет со мирисот на тартуфите, особено кога Валентина ги подготвува своите специјалитети.
Прочитајте го целиот текст на порталот „Арт кујна“.