ТУБЕРКУЛОЗА ИМА, НО НЕ Е ОПАСНА ЗА ЛУЃЕТО Изолирано и Бејби ЗОО, редовни тестирања за вработените

Зоолошката градина во Скопје уверува дека посетителите се безбедни, дека редовно се тестира персоналот и се преземаат сите превентивни мерки за заштита на животните и јавноста.

236

Зоолошката градина во Скопје ја информира јавноста дека нема место за загриженост во врска со неодамнешните информации за појава на животинска туберкулоза кај дел од животните. Од таму уверуваат дека безбедноста на посетителите и грижата за животните се врвен приоритет, а се преземаат сите потребни ветеринарни и санитарни мерки.

– Туберкулозата кај животните не е нова појава. Овој вид заболување е познат со децении и може да се јави и во зоолошки градини и во природата, па дури и во почвата, паркови и игралишта во околината каде што живееме – велат од ЗОО Скопје.






Од таму нагласуваат дека ризикот за посетителите е исклучително низок и дека преносот од животни на луѓе е речиси невозможен.

– Пренос на туберкулоза од животни на луѓе се случува исклучително ретко и бара долг и близок контакт со заболени животни – нешто што е невозможно за обичните посетители – појаснуваат од градината.

Дополнително, во изминатиот период редовно биле тестирани сите вработени кои имаат директен контакт со животните, при што резултатите биле негативни, а заразени лица меѓу персоналот нема.

– Се преземаат строги ветеринарни и санитарни мерки, редовна дезинфекција на живеалиштата и надзор на секое сомнително или заболено животно, во согласност со меѓународните стандарди. Превентивно решивме и Бејби ЗОО да биде изолиран, што и онака ќе биде затворен за јавноста во следниот период поради ниските температури – додаваат од ЗОО Скопје.

Посетителите, според информациите, се движат по безбедни патеки и немаат близок контакт со животните, а контролата на здравјето и на животните и на вработените е континуирана и под надзор на надлежните институции.

– Случаи на животинска туберкулоза се регистрирани и во други зоолошки градини низ светот, но тоа никогаш не резултирало со ризик за јавноста. Ние остануваме посветени на заштита на здравјето на посетителите, добросостојбата на животните и транспарентноста во информирањето – велат од градината, најавувајќи редовно известување на јавноста и целосна соработка со институциите.

Поврзани содржини